Со спортски активности и многу игра, во обновената фискултурна сала во ООУ „Коле Неделковски“ се одбележа Детската недела. На учениците им се придружи и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Просторот во салата од 350 квадратни метри, која со децении беше во незавидна состојба, сега е целосно трансформиран во современ и безбеден амбиент со одлични услови за наставата по физичко образование и за рекреација. Од Општина Центар информираат дека реконструкцијата опфатила целосно освежување на паркетот, кој е избрусен и лакиран, како и санација на ѕидовите, таваните и нови внатрешни врати.
– Поставени се нови инвертер-клима уреди и современо ЛЕД-осветлување, а електричната инсталација е целосно заменета. Дополнително, обновени се соблекувалните и кошевите, а во тек е обновување и замена на преостанатите спортски реквизити – наведуваат од локалната самоуправа.
Градоначалникот Герасимовски истакна дека учениците сега имаат функционален простор за спорт и физичка активност, а дополнително тука се и игралиштата во училишниот двор.
– Спортот е важен елемент во образовниот процес и затоа континуирано вложуваме во развојот на таа инфраструктура. Децата мора да спортуваат и да го градат тимскиот дух, ако сакаме утре да имаме генерации кои ќе бидат здрави – нагласи Герасимовски.












