четврток, октомври 8, 2026
Дома СКОПСКА ЗНАМ: Филипче и Герасимовски да се усогласат за Барутана и да го...

ЗНАМ: Филипче и Герасимовски да се усогласат за Барутана и да го повлечат планот! 

29

Донесувањето на нацрт-ДУП за Барутана продолжува да предизвикува лавина реакции и кај граѓаните и кај политичките партии. Откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, се огласи дека додека е на чело на паријата во Барутана нема да дозволи да се стави ниту една цигла, од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, реагираа дека е очигледно оти во СДСМ постои сериозна неусогласеност на ставовите за Барутана.

– Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, јавно порача дека додека е лидер на партијата, во Барутана нема да се стави ниту една цигла. Во исто време, спорниот нацрт-ДУП за Барутана беше донесен пред Советот на  Општина Центар и доби поддршка токму од советниците на СДСМ – реагираа од ЗНАМ прашувајќи: Кој е вистинскиот став на СДСМ за Барутана? – Еден пред јавноста, а друг кога треба да се гласа – нагласуваат од ЗНАМ.

Оттаму додаваат дека советниците на Движењето ЗНАМ, во Советот на Општина Центар имале јасен став, гласале против и остануваат доследни на тој  став.

– Ако лидерот на СДСМ денес вели дека „Нема да се стави ниту една цигла“, тоа да не остане само уште една политичка изјава и дека се на истата линија со потпретседателот на СДСМ и актуелен градоначалник на Општина  Центар, Горан Герасимовски – соопштија од ЗНАМ.

Притоа бараат од градоначалникот Герасимовски да направи  конкретен чекор.

– Граѓаните на Центар не барат ниту политички ниту партиски координации, ниту празни ветувања. Бараат јасна постапка. Бараме Филипче, Герасимовски и советниците на СДСМ,во Советот на Општина Центар да ги усогласат ставовите и во интерес на граѓаните кои ги гласале, да се повлече нацрт- ДУП за Барутана. И претходно, од ЗНАМ бараа ревидирање на контроверзниот план за градската четврт „Барутана“.

Оваа тема се вжешти во јавноста откако советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Советот на Општина Центар, на 14 јули 2026 година, заеднички го изгласаа планот за Барутана. Против, заедно со ЗНАМ гласаа „Шанса за Центар“, Левица, но и по еден советник од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ