Минималната пензија порасна за над 60 %, а просечната за околу 40 %, додека бројот на пензионери се зголемува и притисокот врз пензискиот фонд расте. Со речиси 350 илјади пензионери, трошоците достигнуваат рекордни 9,65 милијарди денари месечно. Растот на пензиите носи олеснување за дел од граѓаните, но останува прашањето за оние без стаж, кои зависат од минималната социјална поддршка од околу 6.000 денари
Mинималната пензија за периодот 2024-2026 година е зголемена за 61,75 %, додека просечната пензија е покачена за околу 40 %. Ова, според пресметките на Никола Мемов, директор на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, претставува најголемо покачување на пензиите во последните 20 години.
– Ова е резултат на политиките насочени кон подобрување на животниот стандард на пензионерите. Со ваквите мерки се покажува јасна грижа за највозрасните граѓани, а пензионерите стануваат еден од приоритетите во социјалната политика. Со континуираното зголемување на пензиите, оваа Влада испраќа порака дека стабилноста и грижата за пензионерите се темел на општествената одговорност и дека подобрувањето на нивниот стандард е клучен политички ефект за донесените економски и социјални одлуки – вели Мемов.
Тој посочува дека најголемо покачување на пензиите во изминатите 20 години имало од септември 2024 до март 2026 година, што е вкупно покачување на пензиите, номинално за 7.000 денари или тоа е вкупно линеарно зголемување од 36 %.
Директорот на Фондот на ПИОМ нагласува дека во 2022 година имало 335.743 пензионери, додека заклучно со февруари 2026 година, бројот се зголемил на 347.296. Во март 2026, од касата на Фондот, на сметките на пензионерите биле исплатени 9,65 милијарди денари, што е за 2,44 милијарди денари месечно повеќе во споредба со септември 2024 година.
– Во вкупната сума пари што се користи за исплата на пензиите, зголемувањето изнесува речиси 500 милиони евра повеќе во 2026 година во споредба со 2024 година. Како пример, во септември 2024 година, кога е исплатена пензијата за август, се исплатени 7.210.341.000 денари – потенцира Мемов.
Социјална пензија за граѓаните без ниту еден ден работен стаж?
Податоците на Фондот за ПИОМ кажуваат дека во земјава има приближно 350 илјади пензионери. Но, исто така, има и граѓани што немаат ниту еден ден работен стаж и немаат уплатено ни ден пензиски придонеси, а се пријавени во Заводот за вработување и ја чекаат старосната граница за пензија. И тие можат да остварат одреден вид државна поддршка, т.н. социјална пензија. Ова право можат да го стекнат ако имаат најмалку 65 години (важи и за мажите и за жените), се државјани на земјава и живееле во неа најмалку 15 години. Месечниот износ на оваа пензија изнесува околу 6.000 денари и се усогласува еднаш годишно со трошоците за живот. Но, постојат и ограничувања. На пример, ако е лицето во брак или живее во заедница со партнер што веќе прима пензија, тогаш нема право на оваа државна поддршка.
Граѓаните што ги исполнуваат условите за социјална пензија треба да се обратат во Центарот за социјална работа според местото на живеење, каде што се поднесува барањето. Потоа документацијата се доставува до надлежното министерство, кое носи конечна одлука. Меѓу потребните документи се: важечка лична карта, уверение за државјанство, извод од матичната книга на родените, потврда од Управата за јавни приходи дека нема уплатени придонеси, потврда од Пензискиот фонд дека лицето не е корисник на пензија, како и доказ за брачната состојба и изјава за живеалиштето од најмалку 15 години во земјата.
За класичната старосна пензија, пак, важат поинакви правила. За да се стекне право на редовна пензија, неопходни се најмалку 15 години уплатени придонеси во Пензискиот фонд. Ова значи дека дури и лицата што никогаш не биле во формален работен однос можат самостојно да уплаќаат придонеси, но само доколку имаат финансиска можност и време, бидејќи е потребен долг период на континуирана уплата.
(С. Бл.)












