недела, септември 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Реконструирана Старата чаршија во Гевгелија

Реконструирана Старата чаршија во Гевгелија

1

Старата чаршија во Гевгелија доби нов лик откако заврши реконструкцијата на објектите и уредувањето на просторот, а проектот вчера беше официјално пуштен во употреба во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за култура и туризам и градоначалникот на Гевгелија Андон Сарамандов.

Во рамки на активностите за обновување на историскиот комплекс, Министерството за транспорт издаде 27 одобренија за реконструкција на исто толку објекти. Николоски посочи дека постапките биле сложени поради фактот што станува збор за објекти под заштита, но дека со координација меѓу институциите и Општина Гевгелија било овозможено проектот да се реализира.

Според него, покрај дозволите за реконструкција на објектите, биле издадени и соодветни решенија за партерно уредување и реконструкција на пристапните улици, вклучително и главната улица што минува низ чаршијата.

Николоски нагласи дека обновата на Старата чаршија е реализирана со заедничка работа на Министерството за транспорт, Општина Гевгелија, Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура и туризам.

Покрај инвестицијата во Старата чаршија, во Гевгелија се реализираат и други инфраструктурни проекти финансирани преку државниот буџет. Николоски информираше дека за повеќе проекти во општината се издвоени околу 165 милиони денари, при што дел од активностите веќе се завршени, а други се во тек.

Меѓу реализираните проекти ги посочи инфраструктурните зафати во селата Моин, Прдејци и Богородица, додека во тек или во наредниот период се предвидени активности поврзани со завршувањето на западниот булевар „Св. Климент Охридски“, како и реконструкција на улиците „Железничка“, „Маршал Тито“, „Гевгелиски партизански одреди“ до железничката станица и улицата „Новопланирана“.

ИЗДВОЕНИ