Проблемот со ограничениот престој од 90 дена во 180 дена за македонските превозници во Шенген-зоната е сериозен. Од 10 април на професионалните возачи на камиони, автобуси и на комбиња што возат во земјите на Шенген зоната, како, впрочем, и на сите граѓани, ќе им се бројат деновите на престој евидентирани во EES-системот.

– Ќе им се бројат и печатите во пасошите од 10 април наназад. Правилата на визната либерализација се исти за сите граѓани, значи не се исклучок ниту возачите на македонските превозници. Се одржаа неколку онлајн состаноци на работната група на претставниците на Европската комисија со претставниците на транспортните асоцијации од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и од Босна и Херцеговина и сè уште нема трајно решение. Постојано бараат од ЕК да им се доставуваат нови и нови податоци што ги бараат. Минатиот петок, од Комората на странски инвеститори во земјава побараа да се пристапи кон побрзо решавање на проблемот што го имаат возачите со ограничениот престој – вели за весникот ВЕЧЕР Билјана Муратовска од Асоцијацијата „Макамтранс“.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, уверува дека институциите веќе работат на трајно решение.

– Досега системот беше книжeн и во практика постоеше одредена толеранција. Со електронската евиденција, тоа веќе нема да биде возможно. Добро е што реагираа превозниците, бидејќи нивната реакција придонесе Европската комисија предвреме да ја презентира новата визна стратегија – смета Николоски.

Тој појасни дека во новата европска визна политика веќе е вметнато она што го побарала Македонија, а тоа е професионалните возачи, без разлика дали управуваат камиони или автобуси, да добијат посебен статус. Во таа насока, тој рече дека Хрватска веќе има закон во собраниска процедура, Романија подготвила законски драфт, а по разговорите во Унгарија, се очекува решение и таму, по изборите. Преостанати за усогласување се Австрија и Германија, како најважни транзитни и крајни дестинации за македонските превозници.

Во однос на Велика Британија, која е надвор од Шенген, вицепремиерот објасни дека таму се применува постојната практика на доделување работни визи. Паралелно, се работи и со Бугарија и со Грција на модели за непречен дневен транзит на професионалните возачи во пограничните региони.

– Поради потребното време за усогласување на сите постапки, договорено е воведувањето на новиот електронски систем за евиденција да се одложи за македонските граѓани до 30 септември 2026, а дотогаш ќе важи досегашната книжна евиденција – истакна Николоски.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ