Мерката „Училишна кошничка“, со која цените на училишниот прибор и ранците се намалени за 10 проценти во големопродажбата и за 15 проценти во малопродажбата, се спроведува без поголеми проблеми, а контролите на трговците продолжуваат на терен, информираше заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Одлуката на Владата е во сила од 25 август и ќе се применува до 30 септември, а според Ристески, Државниот пазарен инспекторат досега извршил контроли на речиси сите продажни места каде што се нудат производи опфатени со мерката. За контролата се ангажирани повеќе од 40 инспекциски тимови, кои треба да опфатат околу 600 продажни пунктови низ државата.
Ристески посочи дека на почетокот биле регистрирани одредени пропусти поврзани со начинот на означување на производите, но по укажувањата од инспекторите, неправилностите биле отстранети. Тој најави санкции за трговците кај кои ќе бидат утврдени прекршувања на одлуката.
Производите што се опфатени со „Училишната кошничка“, вклучително и училишните ранци, треба да бидат јасно означени со посебни етикети, таканаречени воблери, на кои се наведени редовната цена од 1 јуни и цената со намалувањето. На тој начин, според надлежните, потрошувачите треба да имаат јасен увид во висината на попустот.
Владините пресметки покажуваат дека мерката може да донесе заштеда од околу 500 до 1.000 денари за семејство кое купува само училишен прибор за едно дете. Доколку во набавката е вклучен и ранец, вкупната заштеда може да достигне до 1.500 денари по ученик, зависно од видот и цената на производите. За семејствата со две деца, проценетата заштеда се движи меѓу 2.000 и 3.000 денари.
„Училишната кошничка“ се применува трета година по ред и е една од мерките што Владата ги презема со цел да се намалат трошоците на домаќинствата во периодот кога родителите имаат зголемени расходи поради почетокот на учебната година.
Говорејќи за економските показатели, Ристески оцени дека состојбата во земјава, во услови на глобални економски предизвици, останува стабилна. Тој се повика на податоците на Државниот завод за статистика, според кои кварталниот раст на БДП изнесува 4,3 проценти, додека инфлацијата во август, споредено со истиот месец минатата година, изнесува 2,3 проценти.
Како позитивни показатели тој ги посочи и растот на индустриското производство, капиталните инвестиции и отворањето на нови работни места, при што наведе бројка од околу 18.000 нови вработувања. Според него, движењето на цените на нафтата и нафтените деривати, како и на дел од основните прехранбени производи, дополнително влијае врз одржувањето на животниот стандард.
Ристески во Прилеп изјави дека Владата ќе продолжи да ги следи економските движења и да носи мерки насочени кон намалување на трошоците за граѓаните и поддршка на економијата.












