четврток, јули 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Реконструирано Одделението за хронични состојби во Психијатријата во болницата во Негорци

Реконструирано Одделението за хронични состојби во Психијатријата во болницата во Негорци

47

Во присуство на министерот за здравство, Азир Алиу, како и на директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, беше предадено  во употреба целосно реконструираното Машко хронично одделение во рамките на ЈЗУ Психијатриска болница Негорци, Гевгелија.

Министерот за здравство, Азир Алиу, ја посочи Психијатриската болница во Негорци како  еден успешен пример на менаџирање на една ваква чувствителна здравствена установа:

– Ова што го гледам денес, навистина ме импресионира. Имаме добри и лоши примери како се менаџираат психијатриските болници во Република Македонија, а дефинитивно болницата во Негорци е пример за сите други како треба да изгледа една современа установа што се грижи за условите за престој и за здравјето на овие специфични пациенти.  Инфраструктурата е еден од петте значајни столба на нашиот здравствен систем и затоа ќе се залагаме и во иднина за унапредување на инфраструктурата и за подобри услови за лекување и третман на пациентите.

Директорот на установата, Сашо Стојиловски, откако ги поздрави присутните, во својата изјава посочи дека овој проект, кој е со површина од 550 квадратни метри, чекал за реализација околу седум години.

– Во изминатите години – потенцираше тој – сите забелешки од меѓународни институции беа адресирани на условите во ова Одделение. Се направија напори, се изработи проект и дојде ден да биде реализиран. Се работи за објект чија вредност за реализација  изнесува 13.779.761 денар без ДДВ или 16.260.118 со ДДВ.

Во ова Одделение ќе се лекуваат пациенти со хронични состојби во психијатријата, машки пациенти. Сметам дека со ова значително ги подобруваме условите во психијатријата во Македонија, а ЈЗУ Психијатриска болница Негорци, Гевгелија, дефинитивно е психијатрија што ги има подигнато стандардите на највисоко можно ниво во македонското здравство – истакна Стојиловски.

Со реконструкцијата беа опфатени обновата на покривот, обновата на столаријата, на водоводната, одводната и на електричната инсталација, како и реконструкција на сите бањи и санитарни јазли. Со неа ќе бидат обезбедени нормални услови за престој на 42 пациенти што се лекуваат од хронични психолошки заболувања. (Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ