Додека светот сè повеќе зборува за вештачката интелигенција и за новите технологии, зад сето тоа стои една многу обична, но драгоцена работа – водата. За екоактивистката од Кочани, Ана Симонова, најважното прашање не е колку брзо ќе се развива технологијата, туку што ќе остане за природата и за луѓето кога ресурсите ќе почнат да се трошат без мерка.
– На прост начин треба да им објасниме на луѓето што се дата-центрите и каква врска имаат со нашите реки. Мене реките ми се најважни, затоа што тие се живот. Без вода нема ни природа, ни земјоделство, ни иднина – вели Симонова.
Според неа, дата-центрите се големи објекти полни со сервери – машини што ги чуваат и обработуваат огромните количества податоци што ги користиме секој ден. Секоја фотографија зачувана во облак, секое видео што го гледаме, секое пребарување на интернет и секоја работа на вештачката интелигенција поминува низ вакви центри. Но, зад тивкото работење на овие машини стои голем проблем – топлината. Симонова посочува дека додека работат, серверите се загреваат и мора постојано да се ладат. А за тоа, во многу случаи, се користи вода.
– Кога илјадници сервери работат без престан, тие создаваат огромна топлина. Таа топлина мора некако да се тргне. Некои системи користат вода за ладење, а тоа значи дека можат да бидат потрошени големи количества вода – објаснува Симонова.
Постојат различни начини на ладење. Некои дата-центри ја користат водата што испарува и ја однесува топлината, други користат системи каде што водата кружи низ цевки и ја пренесува топлината, а трети се потпираат повеќе на воздух, но тогаш трошат повеќе струја.
Проблемот, според екоактивистите, се појавува кога ваквите објекти се градат во места каде што водата веќе е под притисок.
– Летото е најчувствителниот период. Тогаш реките се послаби, подземните води се намалуваат, земјоделците мака мачат да обезбедат вода за нивите, а во исто време некој може да бара огромни количества вода за ладење сервери. Тука мора да се постави прашањето – кој има предност? – вели Симонова.
Таа додава дека не станува збор за борба против технологијата или против вештачката интелигенција.
– Прашањето не е дали сме за или против новите технологии. Прашањето е кој одлучува како ќе се користи водата кога ќе ја нема доволно. Една река не може да се замени. Еден водоносен слој не се создава преку ноќ. Ако го потрошиме, последиците ги чувствуваат сите – посочува таа.
Поддржувачите на изградба на дата-центри велат дека тие носат инвестиции, работни места и услуги без кои денес тешко се замислува животот. Но, критичарите предупредуваат дека во региони каде што има суши и недостиг на вода, ваквите индустрии можат дополнително да ги оптоварат природните ресурси. Според Симонова, проблемот настанува кога развојот ќе се претвори во трка по профит без да се гледа цената што ја плаќа природата.
– Ако единствената цел е што поголема заработка и што поголема моќ, тогаш не зборуваме за вистински напредок. Зборуваме за расипување на она што ни е највредно. Природата не е неисцрпен извор што може бескрајно да се користи – вели таа.
Таа порачува дека пред да се донесат големи одлуки, граѓаните треба да знаат што се случува со нивната вода.
– Имаме право да прашаме каде оди водата, кој ја користи и во чиј интерес. Затоа што реката не е само вода. Реката е живот – порача Ана Симонова.
(С. Бл.)












