И покрај глобалните предизвици и енергетските притисоци, се очекува македонската економија да продолжи со стабилен пораст. На краток рок се предвидува умерено забавување, додека на среден рок се очекува постепено забрзување, при внимателно следење на геополитичките ризици, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на Економскиот и финансиски дијалог што денеска се одржа во Брисел, при што беа усвоени и препораки за спроведување одредени политики во секоја земја учесничка.
– Ограничениот фискален простор е најитното прашање пред министрите за финансии по неколку последователни кризи и силната фискална поддршка за време на пандемијата. Тоа бара внимателно балансирање помеѓу инвестициите и одржувањето на стабилни јавни финансии. Економскиот пораст ќе биде поттикнат од инвестиции во транспортната инфраструктура, здравството, образованието и земјоделството. Енергетскиот сектор добива дополнителен приоритет, бидејќи достапноста на електричната енергија станува суштинска за економскиот развој и инвестициите – истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа подвлече дека европскиот процес останува клучен двигател на реформите, насочени кон структурна трансформација на економијата, енергетска и дигитална транзиција, како и кон подобрување на деловната клима.
Во заедничките заклучоци од состанокот беше нагласена потребата од продолжување на фискалната консолидација преку конкретни мерки за намалување на буџетскиот дефицит и создавање дополнителен фискален простор.
Економскиот и финансиски дијалог претставува годишен форум за координација на економските политики, на кој учествуваат претставници на земјите членки на ЕУ, Европската комисија и Европската централна банка, како и министри за финансии и гувернери на централни банки од земјите од Западен Балкан, Турција, Молдавија и Украина.












