Преговорите меѓу САД и Иран заглавија поради прашањето за 24 милијарди долари замрзнати ирански средства, изјави воениот советник на врховниот лидер ајатолахот Моџтаба Хамнеи, Мохсен Резаи.
Во интервју за „Си-ен-ен“, Резаи рече дека „топката сега е во дворот на Трамп“ и дека американскиот претседател Доналд Трамп мора да најде излез од ќорсокакот.
Според него, Техеран бара ослободување на 12 милијарди долари веднаш по потпишувањето на привремениот договор, додека преостанатите 12 милијарди долари би биле деблокирани во подоцнежна фаза од преговорите.
Резаи оцени дека ослободувањето на средствата би било тест за доверба меѓу двете земји.
– Ако Трамп сака да постигне договор со Иран, овие 24 милијарди долари се тест за доверба што Америка мора да го помине, рече тој.
Во исто време, тој предупреди дека обновувањето на конфликтот може да доведе до ширење на војната надвор од Персискиот Залив.
– Во случај на продолжување на војната, ќе ѝ дадеме нова димензија и ќе нападнеме други американски бази, рече Резаи, споменувајќи ја можноста конфликтот да се прошири кон Индискиот Океан, Црвеното Море и Медитеранот.
Тој, исто така, ја отфрли можноста за средба меѓу Доналд Трамп и Врховниот лидер на Иран, наведувајќи дека таква средба „нема да се случи во оваа фаза“.
Изјавата доаѓа во време кога Вашингтон и Техеран се обидуваат да постигнат рамковен договор по месеци тензии и конфликти во регионот, пренесе „Вјести.ба.“












