петок, септември 25, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ајварска математика – домашниот вкус сè поскап

Ајварска математика – домашниот вкус сè поскап

Граѓаните повторно се соочуваат со истата дилема: да купат пиперки, да ги загреат тенџерињата и да се фатат за работа или, пак, да изберат готов ајвар од продавница. Помладите сè почесто се одлучуваат за втората опција, особено поради недостигот на време и порастот на цените, па ги следат акциите и купуваат готов производ кога ќе најдат поевтина понуда. Оние што ѝ се верни на традицијата, и годинава македонскиот кавијар ќе го подготвуваат дома. Но, количините се сè помали. За разлика отпорано, кога се правеа по 20 или 30 тегли, денес, поради високата цена на пиперките и на другите состојки, како и поради пониските приходи за многумина, наместо зимница за цела година, домашниот ајвар се сведува на неколку тегли, доволно за да се зачуваат традицијата и домашниот вкус, но без голем удар врз семејниот буџет

280

Почна сезоната на зимници, но годинава, според домашната математика, ајварот ќе биде и солен и лут. Цената на ајварката се движи од 40 до 70 денари за килограм, додека во маркетите тегла готов ајвар чини околу 350 денари. Граѓаните повторно се соочуваат со истата дилема: да купат пиперки, да ги загреат тенџерињата и да се фатат за работа или да изберат готов производ од продавница. Помладите почесто се одлучуваат за втората опција, особено кога ќе начекаат акција. Купуваат неколку тегли одеднаш или избираат пакувања со кои сметаат дека ќе поминат поевтино. Во специјализираните продавници за зимница, може да се најде ајвар и за околу 200 денари за тегла.

За оние што, сепак, ќе се фатат за работа дома, сметката зависи од рецептот и од количината. Некои домаќинства велат дека успеваат да направат тегла за 100 до 150 денари, особено кога се купени дел од состојките по пониска цена. Но, ако се пресметаат сите суровини, енергијата, амбалажата и трудот, домашниот ајвар може да чини значително повеќе.

– Направив десет тегли ајвар, а за нив потрошив околу десет килограми црвени пиперки, петнаесет модри патлиџани, масло за јадење, сенф и уште неколку додатоци. Секако, количините зависат од тоа каков вкус сакате да постигнете – вели една млада домаќинка, која секоја година сама подготвува зимница.

Таа вели дека рецептот го приспособува според вкусот на семејството, особено на децата.

Според нејзината пресметка, една тегла ја чини околу 100 до 150 денари, зависно од цената на состојките. За неа, тоа е доволна причина да одвои време за домашна подготовка.

-Во маркет тешко дека ќе најдете тегла под 250 денари, а јас за околу 150 денари имам домашен ајвар, направен со состојки што сама сум ги одбрала и со вкус што ни одговара, вели друга домаќинка.

Сепак, кога се прави поширока пресметка, сликата е малку поинаква. За 10 тегли ајвар, според одредени процени, потребни се од 25 до 30 килограми црвена пиперка. Со цена од 40 денари за килограм за поевтините пиперки, па до 70 денари за килограм за поквалитетните, само пиперките може да чинат од 1.000 до 2.100 денари, зависно од количината и од изборот.

На сметката треба да се додадат и другите состојки. Доматите се продаваат за 40 до 50 денари за килограм, корнишоните околу 60 денари, зелените пиперки од 60 до 80 денари, а кромидот околу 50 денари за килограм. Тука се и маслото, солта, зачините, теглите и капачињата.

Не треба да се заборави ниту струјата. Во зависност од начинот на подготовка и од тарифата, и таа влегува во конечната пресметка. За 20 киловат-часа, трошокот може да се движи од 45 до 100 денари. Но, најчесто во домашната математика не се пресметува една ставка – времето.

Берењето, печењето, лупењето, мелењето, пржењето и полнењето на теглите може да одземат и цел ден. Ако се земат предвид околу десетте часа работа и условната цена од 350 денари за час, само трудот би бил дополнителни 3.500 денари.

Така, кога ќе се внесат во пресметката и суровините и трудот, домашниот ајвар може да достигне и околу 300 денари за тегла. Тоа значително ја намалува разликата во однос на дел од готовите производи, особено ако се купат поквалитетни пиперки и поголема количина дополнителни состојки.

– Освен што е поевтин, вкусот на домашниот ајвар е неспоредлив со оној што го купуваме во маркетите. Сепак, за разлика отпорано, кога правевме многу поголеми количини и ајварот беше доволен за цела зима, денес веќе не можеме да си го дозволиме тоа. Ниските пензии и високата цена на пиперките и на другите продукти си го прават своето. Порано правевме по 20-30 тегли, а сега едвај успеваме да направиме неколку. Гледаме да купиме пиперки кога ќе најдеме поевтини и да направиме барем малку домашен ајвар, колку да не се прекине традицијата – вели една пензионерка.

Подготовката на зимница со години беше семеен ритуал. Порано, за правење ајвар, често се собираа повеќе жени – едни печеа, други лупеа, трети мелеа, а потоа, сите заедно, се грижеа за пржењето и за полнењето на теглите. Денес, поради повисоките трошоци и помалку слободно време, количините се значително помали.

– Не е само за јадење туку и за чувството дека сме го направиле сами, како што се правеше со години – додава пензионерката.

И токму тука се крие разликата меѓу домашниот и купечкиот ајвар. Во продавница, производот е готов – се плаќа и се носи дома. Кај домашниот, покрај состојките, во секоја тегла влегуваат и часовите работа, рецептите што се пренесуваат од генерација на генерација и вкусот приспособен на семејството.

– Домашно си е домашно. Знаеш што си ставил, си го правиш по свој вкус и знаеш дека семејството ќе го јаде. А, ако притоа излезе и поевтино од купечкиот, тогаш уште подобро – вели таа.

Така, годинава домашната математика има повеќе ставки отпорано. Пиперките се само почеток – тука се и другите состојки, маслото, струјата, амбалажата, а ако реално се вреднува и трудот, сметката дополнително расте.

Но, и покрај тоа, традицијата не исчезнува. Некој ќе купи готова тегла од маркет, друг ќе чека акција, трет ќе купи пиперки и ќе помине цел ден покрај шпоретот, зашто зимницата дома се прави за да се заштеди, но и за да се зачува нешто што не се мери само во денари.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ