петок, септември 25, 2026
Дома СВЕТ Американскиот апелационен суд ја поддржа одлуката на Пентагон да ја стави компанијата...

Американскиот апелационен суд ја поддржа одлуката на Пентагон да ја стави компанијата „Антропик“ на црната листа

0
Фото: EPA/JIM LO SCALZO

Американскиот федерален апелационен суд во Вашингтон денес ја потврди одлуката на Пентагон да ја стави компанијата „Антропик“ на црната листа и да ѝ забрани склучување договори со војската, откако компанијата одби да дозволи нејзините производи да се користат за автономно оружје и за масовен надзор.

Оваа пресуда ја потврдува одлуката на Министерството за одбрана на САД во спорот со гигантот за развој на вештачка интелигенција, објави „Ројтерс“.

Одлуката е донесена со гласање „два спрема еден“ од судиите кои го разгледуваа случајот, покренат од „Антропик“ за да се оспори одлуката на Пентагон од март, со која компанијата беше означена како ризик за националната безбедност во рамките на синџирот на снабдување.

Компанијата изјави дека одлуката ѝ нанела штета од милијарди долари преку изгубени деловни можности и нарушување на угледот, непосредно пред планираната првична јавна понуда на акции (IPO).

Мнозинството судии пресудија дека Пентагон имал основа да го означи „Антропик“ како безбедносен ризик откако компанијата одбила да дозволи користење на нејзините производи за автономно оружје и масовен надзор. Судот го отфрли тврдењето на компанијата дека одлуката на Пентагон претставувала одмазда поради нејзиниот став за безбедноста и етиката на вештачката интелигенција.

Министерот за одбрана Пит Хегсет претходно тврдеше дека ограничувањата што „Антропик“ ги вовел за употребата на своите системи за вештачка интелигенција би можеле да ги загрозат воените операции.

Мнозинството во апелациониот суд го прифати аргументот дека прекумерно ограничените модели на вештачка интелигенција би можеле неочекувано да престанат да функционираат, со што би се загрозиле одредени воени операции.

Од „Антропик“ изјавија дека не се согласуваат со пресудата, но остануваат уверени во својата позиција и разгледуваат понатамошни правни опции, вклучително и барање целиот состав на апелациониот суд да ја преиспита одлуката на тричлениот судиски совет.

Во меѓувреме, федерален судија во Сан Франциско минатиот месец поништи паралелна одлука на американската администрација – донесена врз основа на друг закон – пресудувајќи дека администрацијата незаконски го казнила „Антропик“ поради ставовите за безбедноста на вештачката интелигенција.

Тој суд исто така ја блокираше забраната на американската влада за соработка со „Антропик“, како и наредбата со која на воените изведувачи им се забрануваше деловна соработка со компанијата. Пентагон ја означи компанијата „Антропик“ (Anthropic) како безбедносен ризик врз основа на два посебни закони, откако таа одби да ги отстрани заштитните механизми што ја ограничуваат употребата на нејзината технологија за автономно оружје и масовен надзор.

До спорот дојде по повеќемесечни преговори меѓу компанијата и Министерството за одбрана, кои не резултираа со договор.

ИЗДВОЕНИ