Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, прогласи вонредна состојба за градот Њујорк и за окрузите Насау, Сафолк и Вестчестер поради силна крајбрежна бура што носи ризик од поплави, силни ветрови и прекини во снабдувањето со електрична енергија во текот на викендот.
„Сфатете ја оваа бура сериозно. Бидете внимателни и избегнувајте непотребни патувања“, изјави Хочул.
Станува збор за моќна бура од типот „нор-истер“ (nor’easter) – вид крајбрежна бура карактеристична за североисточниот дел на САД.
Според најновите прогнози на градските власти, патеката на бурата се поместила поблиску до градот Њујорк, па се очекуваат повеќе дожд и посилни ветрови отколку што првично беше предвидено.
Во градот Њујорк се очекуваат меѓу 50 и 75 милиметри дожд, а во одредени области се можни и поголеми количини. Ударите на ветерот би можеле да достигнат брзина меѓу 65 и 80 километри на час, особено во периодот од петок навечер до сабота навечер.
Се очекуваат поплави долж крајбрежјето за време на плимата во петок навечер и сабота наутро. Особено се загрозени ниските делови на Квинс, Бруклин и Стејтен Ајленд.
Градоначалникот на Њујорк, Зоран Мамдани, ги повика граѓаните на претпазливост и побара од нив да избегнуваат непотребни патувања.
„Не возете и не пешачете низ поплавени површини“, предупреди тој.
Градските служби ги чистат одводите, подготвуваат екипи за евентуално отстранување на дрвја и ги распоредуваат службите за итни интервенции во областите подложни на поплави. На граѓаните им беше препорачано да ја проверат состојбата на јавниот превоз, како и на траектниот и авионскиот сообраќај пред да тргнат на пат, и да ги избегнуваат ниските крајбрежни патишта за време на плимата.












