петок, септември 25, 2026
Дома КУЛТУРА Слем-поезија по улиците на Скопје по повод Светскиот ден на слемот

Слем-поезија по улиците на Скопје по повод Светскиот ден на слемот

9

Слем-карван низ центарот на Скопје ќе може да се види на 26 септември со почеток во 18:00 часот, по повод Светскиот ден на слемот. Во светот се празнува 40 години од постоењето на оваа специфична поетска перформативна форма на изразување, а во нашата земја се одбележуваат 16 години од постоењето на „Поетски слем Македонија“. Настанот ќе продолжи во пабот „Ѕе“, со почеток во 20:00 часот, каде што ќе се одржи полуфиналето за претстојното издание на фестивалот, а тројцата најдобри ќе се пласираат директно во финалето на фестивалот.

Шеснаесеттото издание на „Поетски слем Македонија“ традиционално ќе се одржи во Прилеп, а годинава ќе трае од 8 до 11 октомври. Во рамките на фестивалот ќе може да се видат голем број настани, меѓу кои изложби, поетската монодрама „Лидија или сѐ што знам за жените“, промоции на книги од авторите Елена Пренџова, Катарина Фиаменго, Александра Јуруковска, Сузана Мицевска, Марија Грубор- Вардарска, Ненад Јолдески и Пијан Славеј (Бранислав Николов), во чии рамки ќе се одржи и концерт со „Хот џез-оркестра“. Специјални гости годинава се поетесите Елијане Лусија Леонардо Бутелане и Наташа Сокре од Мозамбик, Африка. Фестивалот ќе се заокружи со посета на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Трескавец и со вечер посветена на Тихомир Јанчовски.

Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп. „Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство. Годинашниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското. Дизајнот на фестивалскиот плакат е на уметникот Владимир Лукаш.

ИЗДВОЕНИ