Друштвото на писателите на Македонија, неодамна, го прошири своето членство со шест авторки и автори. На последната одржана седница, управниот одбор на Друштвото изгласа за негови нови членови да бидат примени: Митко Бојаџиски, Ана Витанова-Рингачева, Тодор Јовчевски, Дијана Петрова, Енис Хилми и Марина Икономова Шокева.
Митко Бојаџиски (Струмица, 1962) aвтор е на драмите: „Кец на десетка“, „Кец на десетка 2“, „Прекрасни светови“, „Како што е пишано“, „Comedia Criminale“, „Во името на народот“, „ Со човечко лице“, „Проект Болеро“. Ана Витанова-Рингачева (Струмица, 1981) е универзитетски професор, книжевник, есеист и публицист. Нејзини научни трудови, книжевни осврти, есеи и критики се објавувани во домашни и меѓународни списанија и зборници. Главен и одговорен уредник е на меѓународното списание „Зенит“ – списание за наука, литература, култура и уметност. Тодор Јовчевски (Битола, 1963) по образование е дипломиран економист. Автор е на разновиден книжевен опус што опфаќа афоризми, раскази, сликовници, романи, поезија и бајки. Дијана Петрова (Делчево, 1992) е македонска писателка и професорка по македонски јазик и литература. Авторка е на четири книги: „Бдеењето над себе“, „Не правете им сенка на гробовите“, „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ и „Изгубените женски ракописи“. Енис Хилми е дводомна прозна авторка (Охрид, Македонија и Берлин, Германија) која течно говори македонски, турски, англиски и германски јазик. Авторка е на збирката раскази „Берлин – градот што не го засакав од прва“ (добитник на наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис за 2025 година), како и на романот „Само уште еден скок“. Марина Икономова Шокева (Охрид, 1966) работи како професорка во Охрид. Авторка е на четири стихозбирки: „Слики од бунарот“, „Директни обраќања“, „Светот и јас“ и „Модра мрежа“.












