Во Албанија денес заврши првата пленарна седница од новиот парламентарен мандат, додека во исто време пред зградата на парламентот се одржа 101-от граѓански протест против владата.
Седницата се одржа во атмосфера на зголемени тензии пред парламентот, каде што граѓаните продолжија да протестираат против владата и политичките структури, објавува „Албанијан пост“.
Новата седница ја отвори претседателот на албанскиот парламент, Нико Пелеши, кој ги презентираше работните приоритети за наредните месеци во своето обраќање пред пратениците, пренесе „Танјуг“.
Протестот пред парламентот во Тирана ескалираше кога демонстрантите гаѓаа со јајца автомобили на пратеници кои пристигнуваа на првата седница по августовскиот одмор.
Стотици граѓани се собраа од неколку страни околу зградата на парламентот, која беше обезбедувана од голем број полицајци опремени со штитови и заштитна опрема. Полициски возила со водни топови беа исто така на местото на настанот.
Демонстрантите извикуваа пароли против парламентот, како и против двете најголеми албански политички партии – владејачката Социјалистичка партија и опозициската Демократска партија.
Тензиите се зголемија кога демонстрантите повторно почнаа да фрлаат јајца по возилата на пратениците кои доаѓаа на седницата. Полицијата интервенираше и приведе пет лица, но собирот продолжи.
Парламентот практично остана под полициска блокада, додека демонстрантите беа распоредени и во правец на Министерството за внатрешни работи и на главниот влез од улицата Елбасани.
Полицијата интервенираше и приведе пет лица, но протестот продолжи.
Зградата на парламентот остана опколена, како од правец на зградата на Министерството за внатрешни работи, така и од главниот влез од улицата Елбасани.
Ова е 101-ви ден од протестите во Тирана, кои започнаа по инцидентите во Звернец кај Валона, каде што е планирана изградба на голем туристички комплекс во област што албанските екологисти ја сметаат за заштитена.












