Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, сезонава влегува со огромна самодоверба и статус на еден од главните фаворити за титулата во Формула 1. По неочекуваната пауза поради откажаните трки во Бахреин и во Саудиска Арабија, Британецот даде интересен увид во стратегијата на тимот.
Вообичаено, тимовите ги носат првите големи надградби на болидите за трката во Мајами, но оваа година има промени во календарот, а со тоа и во плановите за развој. Дополнително, новите правила на ФИА за управување со енергијата внесоа дополнителна комплексност.
Мерцедес, сепак, нема причина за паника. Тимот веќе ги освои првите три трки, вклучувајќи ја и победата на Расел во Австралија, што му овозможува да биде трпелив со развојот.
- Искрено, подготвен сум да се вратам – изјави Расел, осврнувајќи се на паузата, која, иако кратка, му помогна да се „ресетира“ по напорниот старт со трките во Австралија, Кина и во Јапонија.
Клучниот момент од неговата изјава се однесува на надградбите. Наместо во Мајами, вистинскиот развоен чекор се очекува во Монтреал.
- Со ваков календар, работите се поместуваат – Канада ќе биде првата вистинска точка за напредок – објасни тој.
Тоа значи дека токму таму конкуренцијата ќе има шанса да ја намали разликата, доколку воопшто успее.
Расел откри дека тимот има „нешто во ракавот“, но нагласи дека во Формула 1 ништо не е едноставно и секој детаљ може да направи разлика. Тој се осврна и на новите правила, потенцирајќи дека донеле поинтересни трки, но истовремено се и голем предизвик за возачите.
- Комплицирани се, но ФИА заврши добра работа во нивното поедноставување – додаде Британецот.
На крајот, тој испрати јасна порака до ривалите: „Сè додека сме на врвот, не ми е грижа за другите“.
Оваа изјава само ја потврдува атмосферата во Мерцедес – комбинација од самодоверба, стабилност и внимателно темпиран развој.
Доколку успее нивниот план, остатокот од гридот би можел да се најде во сериозен проблем во продолжението од сезоната.











