Без присуство на претставници од СДСМ денеска продолжи со работа Работната група за реформа на изборното законодавство. Министерство за правда соопшти дека групата денеска ја одржала четвртата седница, на која продолжи разгледувањето на препораките за унапредување на Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и обврските предвидени во Реформската агенда.
Во однос на учеството на СДСМ, беше истакнато дека до Министерството за правда сѐ уште не е доставено официјално писмено известување за нивно повлекување од процесот. Во таа насока, беше изразено очекување дека партијата ќе ја преиспита својата позиција и ќе продолжи да учествува во работата на групата, со цел реформите во изборното законодавство да се носат низ широк политички и институционален дијалог, во интерес на демократските процеси и довербата во изборниот систем.
-На седницата беа разгледани препораките што беа усогласени и прифатени со консензус од присутните членови на Работната група. На членовите ќе им биде доставен и конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори од 2025 година, кој содржи препораки за дополнително унапредување на изборната регулатива и практиките во спроведувањето на изборите. Значителен дел од препораките се повторуваат од претходните изборни циклуси, што ја потврдува потребата од нивно системско имплементирање – се наведува во соопштението.
Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој ја претставува партијата во работната група, за МИА оцени дека состанокот бил продуктивен и дека со консензус било постигнато усогласување на десет членови од Изборниот законик, во согласност со препораките на ОБСЕ и ОДИХР.
Претставниците на политичките партии се усогласиле за членовите кои се однесуваат на користењето буџетски средства на институциите во изборната кампања, користењето службени профили на институциите на социјалните мрежи за време на избори и изборна кампања, огласите и постапките за вработувања, како и за изземањето лица со специфични професии од изборниот процес, како на пример медицински лица. Дел од усогласувањето се однесува и на субјектите кои го добиваат избирачкиот список и роковите во кој рок.
Следната средба, како што изјави Милошоски, би требало да се одржи на 20 мај, исто така во Министерството за правда.
Опозициската СДСМ неодамна реши да не учествува во работата како израз на незадоволството од укинувањето на пржинската влада. Членовите на работната група на поранешните состаноци донеле Деловник за работа во кој е предвидено сите одлуки да се носат со консензус, а седниците да се одржуваат доколку е присутно мнозинството од членовите. (Б.Ѓ.)












