четврток, јули 9, 2026
Дома СВЕТ Грција станува европско упориште на САД, а за сè е заслужна една...

Грција станува европско упориште на САД, а за сè е заслужна една жена

278
epa12504207 Greek Prime Minister Kyriakos Mitsotakis welcomes new US Ambassador to Greece Kimberly Guilfoyle during their meeting in Athens, Greece, 05 November 2025. EPA/ORESTIS PANAGIOTOU

Амбасадорката на САД во Атина, Кимберли Гилфојл, го повикува Трамп да ја прослави 250-годишнината од американската независност во родното место на демократијата – со говор на Акропол ова лето. И премиерот Киријакос Мицотакис, пишува „Политико“, му ветува на американскиот претседател топло добредојде ако ја посети земјата, наведувајќи дека ќе се чувствува како дома. Трамп, пак, ја фали Грција како „одлична“, а Мицотакис како „одличен човек“

Додека голем дел од Европа му го врти грбот на американскиот претседател Доналд Трамп, малку неверојатно изгледа дека Грција ги зајакнува односите со МАГА или, како што наведува „Политико“ во својот наслов, „Грција се обложува многу на МАГА“. Амбасадорката на САД во Атина, Кимберли Гилфојл, го повикува Трамп да ја прослави 250-годишнината од американската независност во родното место на демократијата – со говор на Акропол ова лето.

И премиерот Киријакос Мицотакис, пишува „Политико“, му ветува на американскиот претседател топло добредојде ако ја посети земјата, наведувајќи дека ќе се чувствува како дома. Гилфојл потврди оваа недела дека Трамп ќе ја посети Грција, но одби да коментира за времето на посетата. Како што се влошуваат односите на Трамп со поранешните сојузници во ЕУ, како што се италијанската премиерка Џорџа Мелони и германскиот канцелар Фридрих Мерц, тој ја фали Грција како „одлична“, а Мицотакис како „одличен човек“. За Мицотакис, посетата на Трамп е многу повеќе од визуелен впечаток. Грчката влада ги гледа САД како свој краен гарант на безбедноста од турска инвазија. Тие сакаат да ги прекинат повремените пријателски односи меѓу Трамп и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Затоа инвестираат и во бизнис-зделки, склучувајќи значајни енергетски договори и обезбедувајќи големи американски инвестиции во пристаништа. Овие воени и трговски врски меѓу Вашингтон и Атина се поткрепени со сè посилно идеолошко согласување, додека конзервативната партија Нова демократија на Мицотакис се поместува сè повеќе надесно.

Од своето доаѓање на крајот на минатата година, Гилфојл го привлече медиумското внимание. Поранешната водителка на „Фокс њуз“ и обвинителка, која некогаш беше во брак со гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, и беше во врска со Доналд Трамп помладиот, од самиот почеток истакнуваше дека ќе ги нагласи силните економски врски. Во своето прво интервју во Грција, таа ја налути Кина, нарекувајќи го нејзиното сопствеништво врз пристаништето Пиреја „несреќно“ и ја изнесе идејата дека тоа може да се реши – сугерирајќи потенцијална продажба.

– Секој ден, кога ќе се разбудам наутро, ќе најдам начин да ги поттикнам американските интереси, пари, инфраструктура, да соработувам со Грција и останатите наши сојузници во овој регион, а тоа значи многу агресивно спротивставување на кинеските интереси. Ќе го правам тоа секој ден и без извинување, рече Гилфојл претходно оваа година.

Таа, исто така, ги опиша своите блиски врски со владини претставници, истакнувајќи дека отворено разговара со Мицотакис и се гледа со него три до четирипати неделно. Додаде дека секој ден разговарала и со други министри, кои секогаш одговарале на нејзините барања.

–Понекогаш министерот за енергетика, Ставрос Папаставру, не можеше да зборува затоа што беше со други луѓе. Јас му викам: „Не ми е гајле. Не мора да зборуваш. Само слушај“. Министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, министерот за одбрана, Никос Дендиас, и министерот за поморство, Василис Кикилијас, секогаш се јавуваат на телефон. Не е важно дали е викенд, тие доаѓаат. Ако се наоѓаме во мојата куќа, се појавуваат, рече амбасадорката.
Годишниот Делфи економски форум, на кој се собираат поединци од грчкиот бизнис и политички свет, стана и место за состаноци за влијателни личности од МАГА. Многумина од нив ја споменуваат својата наклонетост кон Грција, објаснувајќи дека се „едни од најпродуктивните и најпочитуваните имигранти во Америка“.

Тие, исто така, ја нагласуваат улогата на Грција во визијата на МАГА, наведувајќи дека се појавила како еден од најголемите сојузници на САД во вториот мандат на Трамп и „навистина го прифатила“ она што американскиот претседател се обидува да го постигне низ целиот свет. Мицотакис отсекогаш поддржувал силни врски меѓу САД и Грција.

Важноста на американското упориште во Грција порасна во текот на години. Владата им одобри на САД неограничен пристап до четири клучни воени објекти, а американските корпоративни гиганти како што се „Фајзер“ и „Мајкрософт“ ја воспоставија Грција како регионално седиште, пишува „Политико“.

ИЗДВОЕНИ