Македонската ракометна репрезентација ги почна подготовките за бараж-двомечот против Словачка, за пласман на Светското првенство 2027, а капитенот Филип Кузмановски порача дека националниот тим има квалитет и карактер за нов успех.
Еден од лидерите на оваа генерација истакна дека најважно е сите репрезентативци да останат здрави и максимално подготвени за предизвикот што следува, потенцирајќи дека Словачка никако не смее да биде потценета.
Кузмановски нагласи дека денес секоја селекција игра квалитетен ракомет и дека се можни изненадувања, па затоа ќе мора Македонија со максимален фокус да влезе на двата натпревари.
Сепак, капитенот верува дека македонската репрезентација има доволно квалитет за да стигне до две победи и за да обезбеди нов настап на големата сцена.
- Голем дел од ракометарите се во добра форма и најважно е сите да сме здрави и подготвени за двомечот. Не смееме да потцениме никого, но верувам дека имаме квалитет за уште едно големо натпреварување – порача Кузмановски.
Тој потсети дека Македонија во континуитет настапува на големите турнири и дека оваа генерација заслужува да го продолжи тој успех.
Капитенот, исто така, упати и повик до навивачите повторно да ја исполнат арената „Борис Трајковски“ и да ѝ бидат ветар в грб на репрезентацијата.
- Очекуваме уште една фантастична атмосфера и полни трибини. Поддршката од публиката секогаш ни дава дополнителна сила и мотивација – додаде македонскиот бек.
Македонија ќе го игра првиот натпревар на гостински терен, в четврток, по што реваншот ќе се одигра во Скопје, каде што ракометарите ќе се обидат пред домашната публика да заверат место на Светското првенство 2027.











