среда, јули 1, 2026
Дома КУЛТУРА „Пустинско срце: петнаесет години во Авганистан“ од Ана Пејчинова

„Пустинско срце: петнаесет години во Авганистан“ од Ана Пејчинова

9

„Пустинско срце: петнаесет години во Авганистан“ од Ана Пејчинова е нова книга што излезе од печат во издание на „Или-или“. Станува збор за книга на сеќавања, заснована на вистинити настани, во која авторката го раскажува своето искуство од петнаесетгодишниот живот и работа во Авганистан. Низ лична, динамична и книжевно обликувана проза, Пејчинова го води читателот низ Кабул, Кандахар, Лашкар Гах и други места обележани од војната, пустината, древната историја, племенските обичаи и незаборавните човечки судбини. Книгата не е само сведоштво за една земја во драматичен историски период туку и интимна приказна за стравот, привлечноста на непознатото, преживувањето и длабоката човечка врска со еден тежок, но моќно фасцинантен свет. Покрај мемоарскиот дел, изданието содржи и прилози за историјата, културата, племенскиот живот, војните и за обичаите во Авганистан, што му даваат на делото дополнителна документарна и културолошка вредност.

Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки, меѓународниот развој и хуманитарната помош. На македонски јазик, има објавено четири збирки поезија: „Деогае“ (1995), „Ѕверот и проѕирот“ (1997), „Златните раце на демонот“ (1999) и „Чувари на малите нешта“ (2025). Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995). Ги има објавено и расказите „Авгански дневници“ (2008).

ИЗДВОЕНИ