Влезот на „Лидл“ на македонскиот пазар ќе придонесе за подобрување на бизнис-климата, дополнително позиционирање на државата на инвестициската мапа и воведување нови стандарди во малопродажбата, оцени заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на свеченото поставување камен-темелник за изградба на нов маркет на „Лидл“ во Струмица.

Тој истакна дека станува збор за една од најзначајните странски инвестиции во трговскиот сектор, вредна околу 200 милиони евра, нагласувајќи дека Владата останува посветена на привлекување и поддршка на секоја инвестиција што отвора нови работни места и придонесува за економски пораст.

– Доаѓањето на најголемата трговска марка во малопродажбата, како што е „Лидл“, е исклучително значајно за Македонија. Тоа значи подобро мапирање на државата, подобра бизнис-клима и силен сигнал до останатите инвеститори. Инвестиција од околу 200 милиони евра е сериозен импулс за македонската економија и затоа Владата ќе продолжи максимално да ја поддржува нејзината реализација – изјави Николоски.

Според него, најголемите придобивки од инвестицијата ќе ги почувствуваат домашните земјоделски производители, особено од Струмичкиот Регион, кој е препознатлив по производството на раноградинарски култури. Николоски изрази уверување дека квалитетните земјоделски производи од Струмичко ќе најдат место не само на полиците на „Лидл“ во Македонија туку и во маркетите на компанијата во регионот, преку нејзината извозна мрежа.

– Струмица е земјоделски крај каде што луѓето со многу труд и посветеност го заработуваат својот приход. Затоа е важно што „Лидл“ создава можност за сигурен пласман на нивните производи, што директно придонесува за подобрување на нивната конкурентност и за повисока вредност на домашното производство – рече тој.

Вицепремиерот упати честитки до компанијата „Лидл“ и до Општина Струмица за реализацијата на проектот, истакнувајќи дека локалната самоуправа дала значајна поддршка за неговото спроведување. Тој најави дека Владата и во наредниот период ќе продолжи со мерки за поедноставување на административните процедури и за создавање поповолни услови за инвестирање.

– Со измените на Правилникот за урбанистичко планирање ги забрзуваме процедурите за реализација на вакви капитални инвестиции. Очекуваме веќе околу Нова година да бидат отворени првите маркети на „Лидл“ во Македонија, со што граѓаните ќе добијат ново искуство во пазарувањето, а домашните производители дополнителна можност за пласман на своите производи – изјави Николоски.

ИЗДВОЕНИ