Жители од населбата Капиштец реагираат дека група малолетници и помлади лица секојдневно пукаат пиротехнички средства. А вчеравечер, палејќи петарди, успеале да запалат дрво во паркот „Капиштец“. Велат дека пожарот за малку не се проширил кон околните згради и трафостаници.
Жителите на фејбук-групата „За пристоен Капиштец“ споделиле и видео на кое може да се види инцидентот.
Тие додаваат дека секојдневно пријавуваат во полиција, но нагласуваат дека досега полицијата не реагирала на време.
Овој пат се надеваат на брза реакција од надлежните за пронаоѓање на личноста која го предизвикал пожарот.
Поранешната директорка на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, коментира дека недостасува воспитание и оти децата се испуштени од рака.
– Кога детето ќе направи беља, треба да се казни заедно со родителите… – смета таа.
Други, пак, велат дека ваквите постапки се одраз на негрижата на родителите.
– Една вечер да излезе родител да провери каде е неговото дете и што прави во доцните вечерни часови надвор – нагласи револтиран граѓанин.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека постапуваат по сите пријави добиени од граѓани и преземаат мерки за санкционирање на нарушувањата на јавниот ред и мир.
– Што се однесува до вчерашниот настан, ве информираме дека на 24.09.2026 околу 22:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека во паркот во Капиштец во Скопје, малолетно лице фрлило пиротехничко средство, по што настанал пожар. Пожарот е изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот – кусо одговорија од МВР.
Од Општина Центар, на чија територија се случил инцидентот, информираат дека континуирано преземаат активности за системско решавање и превенирање на немилите настани предизвикани од малолетни вандали.
– Покрај редовната комуникација и упатените барања до МВР и СВР Скопје, Општина Центар е иницијатор и е активно вклучена во подготовката на предлози за законски измени поврзани со воведувањето општокорисна работа како една од мерките за справување со ваквите појави. Општина Центар достави повеќе предлози во рамките на работната група за воспоставување на меѓуинституционална соработка во делот на справување со појавите на вандалско однесување и оштетување на урбаната опрема, јавните површини и јавните добра од страна на малолетници. Предлозите се однесуваат на Законот за правда за децата, Законот за извршување на санкциите, како и на други системски закони – наведуваат општинските власти.
Нагласуваат дека за превенција на вакви инциденти е неопходно засилено и активно присуство на униформирани полициски службеници на подрачјето на локалната самоуправа, што во повеќе наврати било побарано од Општината. Додаваат дека истовремено се потребни поголема грижа и совесност од страна на родителите, како и поактивен ангажман на сите надлежни институции.
– Само преку координирана и заедничка реакција можат ефикасно да се превенираат вандалските дејства, да се заштити јавниот простор и да се обезбеди поголема безбедност за сите граѓани – сметаат од Општина Центар.
(А. П.)












