четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Првата помош спасува живот 

Првата помош спасува живот 

520

Под мотото „Култура на безбедност – здрава заедница“, на Градскиот плоштад, денеска од 11:00 до 13:00 часот, беше организиран настан посветен на промоцијата на првата помош, по повод 17 Март, Денот на формирањето на Црвениот крст и Денот на крводарителството.

На плоштадот беа поставени повеќе едукативните пунктови на кои  беа претставени симулации на прва помош со различни сценарија, а граѓаните во периодот од 11:00 до 13:00 часот имаа можност да видат и да научат како првично да им помогнат на повредените во различни ситуации и да прашаат за сè што не им е јасно, а е поврзано со првата помош.

Првата помош беше демонстрирана од обучени волонтери и животоспасители, како и од обучени кадри од Министерството за внатрешни работи и од Армијата, а беше претставена и националната интервентна единица на Црвениот крст на Македонија.

Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева- Пауновска, по тој повод го најави почетокот на кампањата за промоција на првата помош во заедницата.

– Оваа година ќе се фокусираме на обуката за прва помош на лицата во работните организации. Првата помош во основните и во средните училишта е на високо ниво на застапеност. Има многу млади што ја знаат првата помош и учествуваат на натпреварите, кои се традиција секоја година – изјави Тунева-Пауновска.

Таа истакна дека припадниците на МВР и на Армијата се одлични партнери на Црвениот крст во областа на првата помош.

– Многу е важно првата помош да биде дел од секојдневието на секој општествено одговорен граѓанин. Првата помош е нешто што значи спасување човечки живот – децидна е Тунева-Пауновска.

Таа додаде дека се зголемува интересот за првата помош кога ќе се случи некоја несреќа, но вели дека како што поминува времето, за жал, тој опаѓа.

– Со ваквите настани сакаме да се задржи интересот на континуирано ниво и граѓаните да научат како првично да реагираат во случај на несреќа – заклучи Тунева-Пауновска.

Шефот на кабинетот на скопскиот градоначалник, Кирил Митревски, потенцираше дека Град Скопје ќе продолжи со максималната поддршка на Црвениот крст, бидејќи, како што кажа, токму Црвениот крст бил тој што постојано бил присутен во сите кризи.

По повод 80 години Црвен крст, јубилејната плакета му беше врачена на првиот човек во градот, Орце Ѓорѓиевски, која во негово име ја прими Кирил Митревски, и тоа од генералниот секретар на Црвениот крст на Mакедонија, Саит Саити.

Вчера Ѓорѓиевски и неговиот тим официјално станаа членови на Црвениот крст за што добија и членски карти, униформи, а и како и сите други членови ќе ја плаќаат годишната членарина.

– Со ваквите активности, Црвениот крст придонесува кон создавање побезбедни, поздрави и поотпорни заедници во кои секој граѓанин може да биде подготвен да помогне – заклучи Саити.

(А. П.) Фото: (Ѕ. П.)

 

ИЗДВОЕНИ