Групата Харакат Ашаб ал-Јамин ал-Исламија поврзана со Иран, наводно има врска со инцидентот со запалени возила за итна помош пред синагога во Лондон, што се случи во понеделникот. До пред неколку недели, групата не постоеше во ниедна база на податоци за борба против тероризмот, ниту, пак, имаше позната историја, а потоа, во понеделникот, на „Телграм“ објави видео од тоа палење заедно со своето лого.
Откако оваа група ја презеде одговорноста за нападот, аналитичарите почнаа да ги испитуваат нејзините објави на социјалните мрежи. Утврдено е дека е претставена со симбол на крената рака што држи пушка насочена надесно, со глобус во заднината. Според извештајот на израелски претставници во кој има увид „Телеграф“, овој дизајн е многу сличен на симболите што ги користат милитантните групи поврзани со Иран. Разликата е во тоа што, наместо советскиот „калашников“, прикажана е снајперска пушка „драгунов“, а се верува дека ова е, можеби, направено намерно, како тактика за прикривање на директната врска. И покрај напорите за прикривање на припадноста, постојат некои знаци дека групата е дел од иранска мрежа позната како „Оска на отпорот“, а се верува дека е поврзана и со претходни напади во Белгија, Холандија и Грција. Утрото на 9 март, експлозија ја урна фасадата на синагога во Белгија и ги скрши прозорците преку улицата. Два дена подоцна, групата ја презеде одговорноста за втор напад, во Грција, објавувајќи видео од две лица кои бегаат од местото на експлозијата за која тврдат дека имала цел еврејски објект во Атина. Третиот напад се случи во петок, на 13 март, кога беше запалена синагога во Ротердам. Холандската полиција уапси четири млади мажи под сомнение за учество во нападот.
– Ова е последно предупредување до сите нации во светот, особено до Европската Унија. Веднаш дистанцирајте се од сите американски и ционистички интереси, објекти и она што е поврзано со нив, објави групата во неделата, пред нападот во понеделникот во Лондон, во кој беа запалени четири амбулантни возила на службата која обезбедува бесплатна итна медицинска помош на еврејската заедница од 1979 година, при што експлодираа неколку боци со кислород и се скршија прозорците во соседната станбена зграда.
Полицијата изјави дека го третира нападот како антисемитско злосторство од омраза и бара тројца осомничени снимени на камери за надзор. „Телеграф“ објави дека, со децении, Иран ја користи техниката на формирање нови организации за извршување операции во странство, додека создава доволно растојание помеѓу Техеран и самиот чин за да го отежни конечното припишување. Се појавува група, напаѓа, презема одговорност, а потоа трагите „се ладат“. Еден пример е бомбардирањето на Еврејскиот културен центар во Буенос Аирес во 1994 година, во кое загинаа 85 лица. Иран негираше каква било поврзаност три децении, а дури во 2024 година аргентинскиот суд пресуди дека Иран го планирал нападот, а Хезболах го извршил. Во Извештајот на Ираелците се наведува дека без оглед на конечното припишување, појавата на Харакат Ашаб ал-Јамин ал-Исламија го истакнува зголемениот ризик од напади овозможени од прокси групи или дигитално координирани напади врз еврејските институции во Европа.












