Тимот на ООУ „Јан Амос Коменски“ постигна огромен успех освојувајќи ја првата награда во категоријата за Најиновативно екорешение, во рамките на еднодневниот настан „Зеленикс – од предизвик до иновација“, кој го организираше Агенцијата за иновации научно- технолошки развој и претприемништво – ИНОВА. Станува збор за креативен и едукативен ден, кој е наменет за учениците од основните училишта во Скопје, а настанот се одржа во просториите на Младинскиот културен центар, по повод Денот на креативноста и иновативноста, 21 април.
– Овој значаен успех е резултат на посветената работа на тимот „Go Green“, составен од учениците: Михаил Јачовски, Аника Манасијевска, Максим Ампов, Лара Нелковска и Мартин Ивановски, кои преку креативен пристап и иновативни идеи дадоа пример за тоа како младите можат активно да придонесат кон заштита на животната средина – соопштија од Општина Карпош.
Оттаму додаваат дека и тимот составен од учениците: Михаил Лазаревски, Лука Ристески, Нора Кус-Иванова, Марина Талевска и Нина Ќуркчиева се истакна со одлична работа, креативност и тимска соработка и покажа високо ниво на знаење и посветеност во текот на целиот настан.
– Покрај стимулирање на натпреварувачкиот дух, младите скопјани со овој настан се поттикнуваат да размислуваат иновативно и да развиваат одржливи (зелени) решенија за реалните проблеми од својата околина, преку практична тимска работа и претприемачки пристап – заклучија од локалната самоуправа.












