недела, јуни 7, 2026
Дома СКОПСКА „Прв до врв“, на 17 мај

„Прв до врв“, на 17 мај

21

На 17 мај 2026, Водно ќе ги обедини љубителите на спортот и природата со 14. издание на најмасовниот планински настан во земјата.

Од „Прв до врв“ како организатори на овој голем настан ги повикуваат сите рекреативци, професионалци, семејства, компании и пријатели да станат дел од него, кој, како што велат, не е само трка, туку искуство што се памети и ги обединува љубителите на планината и спортот.

Учесниците ќе се натпреваруваат во пет категории кои водат до врвот на Водно: планинско трчање (4,5 километри), планински велосипедизам (9 километри), друмски велосипедизам (11,4 километри), e-bike (9 километри) и тим-билдинг трка за компании: summit run (4,5 километри).

Трките во велосипедизам ќе започнат во 09:45 часот од Музејот на град Скопје со летечки старт пред ОУ „Кочо Рацин“, додека планинското трчање и тим-билдинг трката ќе стартуваат директно пред училиштето во 10:00 часот. Патеките вклучуваат контролни точки кај полицијата, Средно Водно и пред целната линија на врвот.

– Без разлика дали учесниците се натпреваруваат или учествуваат рекреативно, целта е иста: да се стигне до врвот и да се биде дел од најмасовното искачување на Водно и енергијата што секоја година ја создаваат илјадници учесници – нагласуваат од „Прв до врв“.

Секој учесник што ќе ја заврши трката ќе добие медал, додека за најдобрите се предвидени одликувања во сите старосни категории, во машка и во женска конкуренција.

Дополнително, на настанот ќе биде поставен и „лаунџ корнер“ со изненадувања, награди и активности, кои ќе го збогатат целокупното искуство за сите учесници и посетители. На врвот е предвиден пикник, храна, пијалаци, диџеј и настап на бенд во живо, како и дружење и атмосфера што го претвора искачувањето во вистинска прослава. По забавната програма ќе се одржи церемонија за прогласување на победниците.

Крајниот рок за пријавување е 10 мај. Пријавувањето се одвива преку веб-страницата: prvdovrv.mk.

 

ИЗДВОЕНИ