Славната поп-пејачка, 88-годишната Тереза Кесовија, деновиве, во својот роден град Дубровник, пред многубројната публика (меѓу кои имаше и голем број македонски туристи), одржа два последни, проштални концерти, со кои најави збогување од музичката кариера долга повеќе од 60 години.
Концертите беа исполнети со долги овации, ракоплескања, солзи, спомени, сеќавања… и, секако, со безвременските хитови со кои многу генерации израснаа или се вљубуваа. Просторот на оригиналниот „Кнежев двор“ беше исполнет до последното место, а интересот за концертите беше толку голем што Тереза можеше да одржи уште десет. Сепак, нејзиното нарушено здравје не ѝ го дозволува тоа. Многубројни љубители на нејзината убава медитеранска песна го следеа настапот и преку големиот екран, поставен на познатиот дубровнички Страдун. Еден од најтрогателните моменти се случи кога пејачката одлучи дел од концертот да го отпее стоејќи, потпирајќи се на бастунот, по што доби бурни овации од присутните.
За крај ја остави една од своите најемотивни песни – „Ноно, добри мој нонo“, но најсилни емоции предизвикаа песните „Моја последња и прва љубави“, „Пријатељи стари, гдје сте“, „Сунчане фонтане“, “Ларина пјесма“, „На Страдуну“… Со овие концерти на Тереза, во Дубровник, симболично се затвора богатата кариера на една од трите најславни пејачки во поранешната Југославија.
(Д. М.) фото:архива-ФБ-Јутјуб-Instagram












