четврток, јуни 4, 2026
Дома КУЛТУРА Промоција на романот „Луѓе-сенки“ на Сашо Кузмановски; Последен дел од трилогијата каде...

Промоција на романот „Луѓе-сенки“ на Сашо Кузмановски; Последен дел од трилогијата каде се објавени трилерите „Афера во музејот на пари“ и „Бахус“

91

„Луѓе-сенки“ е новиот роман на Сашо Кузмановски, чија промоција ќе се одржи на 6 април во 19:00 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Романот е последен дел од трилогијата во која досега се објавени трилерите „Афера во музејот на пари“ и „Бахус“. Модератор на промоцијата ќе биде Бисера Бендевска.

По успешно затворените случаи со украдениот тетробол од музејот на пари во Народната банка на Македонија и со мистериозното убиство на локалитетот Стоби, инспекторот за крвни деликти Јован Ингилизов-Џовани е исправен пред најсложениот случај во својата кариера: неразрешениот атентат врз претседателот на државата што се случил пред 13 години.

„Луѓе-сенки“ е романот со кој се заокружува трилогијата за инспекторот Џовани, ревносен и правдољубив полицаец што бескомпромисно им пристапува на службените задачи, дури и на оние што се најзаплеткани и најтешки. Во најновиот случај, Џовани не е свесен дека се враќаат духовите од минатото да го наплатат долгот. Тринаесет години по обидот за убиство на претседателот и по низата мистериозни смртни случаи кај неслучајни луѓе, се случуваат чудни работи во високите ешалони на Министерството за внатрешни работи. Клопчето почнува да се одмотува бавно, до следниот голем јазол. Романот е историска фикција, заснована на вистински настани од нашето колективно минато, околу која авторот Кузмановски ја гради сопствената приказна, постапка што е препознатлива за неговата творечка поетика.

– Идејата за трилогијата, всушност, дојде како порив секој од централните ликови што се појавуваат во сите три романи да добие по еден наслов во кој малку повеќе продираме во нивниот живот, карактер, навики, методи на работа, човечки односи… Со „Луѓе-сенки“ практично се затвора тој круг, иако мислам дека оставив доволно простор барем главниот лик да продолжи со „егзистирање“ и во некоја следна приказна, надвор од оваа трилогија. „Луѓе-сенки“ е фикција градена врз остатоците од реални случувања во нашето блиско минато, нешто што, како елемент на градба, го искористив и за сижејната линија во минатите два романи – вели Кузмановски за весникот ВЕЧЕР.

Романот е во издание на „Арс ламина – публикации“.

ИЗДВОЕНИ