– Стариот конак е интегрален дел од манастирскиот комплекс. За реализација на овој значаен проект се издвоени 6 милиони денари, а целосното завршување се очекува до крајот на јуни годинава. Во однос на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Света Богородица“, пак, каде што е откриен многу значаен трослоен живопис со фази од 14, 17 и 19 век, проектот во моментов се става во мирување. Ова е поради непредвидени новонастанати ситуации во архитектурата на објектот и потребата од дополнителни стручни анализи – посочи при денешната посета министерот за култура и туризам, Зоран Љутков
Стариот конак на Лешочкиот манастир, најголемиот духовен центар во Тетовско, каде што се наоѓаат црквите „Свети Атанасиј“ и „Света Богородица“, како и спомен-собата и гробот на Кирил Пејчиновиќ, е во завршна фаза на конзервација, реставрација, санација и ревитализација, посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при денешната посета. Притоа, од страна на митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, владиката Јосиф, беше посочено и дека во стариот конак ќе има сместувачки капацитети, кои ќе се користат за верски туризам.
– Стариот конак е интегрален дел од манастирскиот комплекс. За реализација на овој значаен проект се издвоени 6 милиони денари, а целосното завршување се очекува до крајот на јуни годинава. Во однос на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Света Богородица“, пак, каде што е откриен многу значаен трослоен живопис со фази од 14, 17 и 19 век, проектот во моментов се става во мирување. Ова е поради непредвидени новонастанати ситуации во архитектурата на објектот и потребата од дополнителни стручни анализи и заштитни мерки за натамошна конзервација. Работите на живописот ќе продолжат откако ќе бидат извршени дополнителни процени од страна на Националниот конзерваторски центар, бидејќи зачувувањето на ова културно добро е од особена важност за нашето духовно и културно наследство – истакна Љутков, додавајќи дека ова е потврда за посветеноста кон заштитата, обновувањето и ревитализацијата на културното и духовното наследство, кое е темел на идентитетот и иднината на овој регион.

Александар Јорданоски, директорот на Националниот конзерваторски центар, установа што го изработи проектот за стариот конак, вчера истакна дека во моментот тече фазата на внатрешно зајакнување на ѕидот.
– Имаме оригинален ѕид од 1818 година и со цел да се зачува, го стабилизираме од внатрешната страна со цигли и ставаме изолација меѓу оригиналниот ѕид и зајакнувањето. Следуваат набавка и поставување прозорци, а потоа ќе следува средување на фасадата со метод што ќе помогне да се зачува оригиналноста. Првпат овде имало конак на почетокот од 14 век и траел до 1600 година, а со доаѓањето на Кирил Пејчиновиќ, тој се обновувал. Ние се обидуваме во што е можно пооригинална форма да се зачува надворешноста. Бидејќи конакот е во сопственост на црквата, тој ќе продолжи да живее и понатаму, затоа што само така полесно ќе се одржува. Исто така, ќе има и сместувачки капацитет – истакна Јорданоски.
Тој додаде дека треба да се зачува меморијата за минатото, но во функција на сегашноста и на иднината.
– Ние не го конзервираме времето, ние ја зачувуваме меморијата на изгледот на старите објекти – додаде Јорданоски.
Митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, владиката Јосиф, пак, кажа дека внатрешно тие ќе го уредат конакот за луѓето заинтересирани за верскиот туризам.
– Стариот конак ќе биде пуштен во употреба за сите добронамерници што ќе сакаат да престојуваат во него – додаде тој.
Инаку, постоењето на Лешочкиот манастир може да се подели на два периоди, кои се поврзуваат и со двете места на постоење. Првиот е периодот од 1321 до 1600 година, кога се наоѓал манастирот на шарпланинската падина кај црквата „Свети Атанасиј“, и вториот период, започнат од 1600 година, па сè до денес, кој се однесува на денешната положба на манастирот, кај епископалниот храм на успението на Пресвета Богородица.
Министерот Љутков вчера, одговарајќи на новинарско прашање, се осврна и на објектот во кој ќе биде сместен тетовскиот театар, но и библиотеката.
– Овој проект долго време се работи и досега се потрошени 500 милиони денари, а потребни се 1,4 милијарди денари. Досега се реализирани 35 отсто од предвиденото. За 2026 година, одобрени се 53 милиони денари. Овој објект требаше да биде завршен годинава, но наследивме големи проблеми во однос на изведбата. Определивме поголема сума за 2026, но рокот ќе се пролонгира за уште една година. Во моментот се работи на ентериерното уредување на театарот, прикрај е инсталацијата и се работи на проектот за комплетна сценска технологија, која треба да биде изработена во наредниот период – кажа Љутков. (Д. Т.)












