четврток, октомври 29, 2026
Дома КУЛТУРА Европски театарски дијалог во Скопје; Отворена Генералната асамблејата на „Еуродрам“

Европски театарски дијалог во Скопје; Отворена Генералната асамблејата на „Еуродрам“

2

Свеченото отворање на Генералната асамблеја на „Еуродрам“, што до 1 ноември ќе се одржува во Скопје, го потврди значењето на овој настан за нашата држава и за театарската уметност, воопшто. Церемонијата се одржа вчеравечер во Театар Комедија, каде што присутните шеесетина гости од 28 држави и македонската публика ги поздрави Едмонд Сотир, директор на оваа театарска институција. Драматургот Дарко Јан Спасов, пак, го претстави новото издание „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001 – 2026“ од Иван Додовски, што содржи хронолошки преглед на 32 избори, со 30 различни драми од 18 македонски автори, како и посебен дел со биографии на 15 автори и подетални претставувања на 26 драми.

Се обрати Додовски, претседател на „Еуродрам“, кој посочи дека од основањето во Париз во 2001 година, „Еуродрам“ прерасна во платформа која се протега низ Европа, Централна Азија и Медитеранот и денес спојува над 300 театарски професионалци од 34 јазични подрачја.

– Нашиот принцип е едноставен: меѓусебно ги читаме драмските текстови, даваме препорака за превод и им даваме поддршка да оживеат како печатено издание или со изведба на театарската сцена – истакна Додовски.

Во име на меѓународната мрежа „Еуродрам“, Додовски му врачи плакета на основачот Доминик Долмие, во знак на благодарност за неговата визија и за 25 години посветена работа во областа на драмскиот превод и театарската уметност. Видно возбуден од укажаната чест, Доминик Долмие упати низа благодарности до личности со кои се познава и со кои соработувал, како Омер Калеши, Јордан Плевнеш, Иван Додовски, а искажа и солидарност со Светлана Петричук и Жења Беркович, театарски уметнички што страдаат во некој руски затвор, како и со сите што страдаат по боиштата од Украина до Газа.

Во театарската програма, истата вечер беше изведена претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“ од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска и Александар Ивановски, продукција на Театар Комедија.

ИЗДВОЕНИ