четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Промоција на францускиот јазик и култура преку ученички проекти

Промоција на францускиот јазик и култура преку ученички проекти

49

Во основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ денеска се одржа саем на франкофонските држави, настан што ги претстави културата и традицијата на франкофонијата преку ангажман на учениците од Општина Кисела Вода.

Учениците од осумте основните училишта од Општината подготвија штандови посветени на различни франкофонски држави. Преку изложените обележја, традиционална храна и презентации, присутните имаа можност да се запознаат со карактеристиките на осум франкофонски земји и со застапеноста на францускиот јазик низ светот.

На настанот присуствуваа градоначалничката Бети Стаменкоска- Трајкоска, францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер, претставници на Францускиот институт во Скопје, претставници на Меѓународното француско училиште (ЕФИС), како и претставници од Центарот за кариера при УКИМ.

 

Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска, која е одликувана од француската држава со титулата витез од редот на академските палми, во своето обраќање се осврна на континуираното изучување на францускиот јазик во Општината и укажа на важноста на ваквите едукативни настани.

– Овој саем на франкофонските држави го организираме во партнерство со француската Амбасада и со францускиот Институт, со учество на сите наши основни училишта, кои денес ги претставуваат франкофонските земји од целиот свет. Горда сум што имаме во Општина Кисела Вода над 800 ученици што го изучуваат јазикот, со што им отвораме реални можности за идна кариера во дипломатијата и во науката. Мојата посветеност на оваа тема датира многу одамна, уште додека бев професор, а потоа и како пратеник и член на пратеничката група за франкофонија, за што од францускиот амбасадор бев одликувана со титулата витез од редот на академските палми. Општина Кисела Вода останува силен поддржувач на овие вредности и на младите, кои вложуваат во своето образование – истакна Стаменкоска-Трајкоска.

Францускиот амбасадор, Ле Риголер, им порача на учениците да продолжат да го учат и зборуваат францускиот јазик.

– Не се обраќам само како амбасадор, зашто францускиот јазик се зборува секаде во светот, не само во Франција. Франкофонијата подразбира и различност. Иако често кога разговараме, јас и мојот швајцарски колега зборуваме на француски и се разбираме, не секогаш ги употребуваме истите зборови. Да продолжите да го учите и зборувате францускиот јазик зашто отвора многу можности – рече Ле Риголер.

Според швајцарскиот амбасадор, Кристоф Зомер, франкофонијата претставува отворен прозорец кон светот.

– За нас во Швајцарија, францускиот јазик е многу значаен, зашто е дел од нашиот идентитет и секој четврти граѓанин зборува француски. Повеќејазичноста е вистинско богатство за нашата земја. Франкофонијата, за нас, претставува отворен прозорец кон светот, зашто се зборува францускиот јазик во многу земји. Среќен сум што се одразува тоа богатство овде и им честитам на организаторите – изјави Зомер.

 

ИЗДВОЕНИ