Калабрија нуди 50 реновирани куќи и станови во 26 општини, во кои избраните кандидати ќе можат бесплатно да живеат десет години. Програмата „Рипопола Калабрија“, вредна 20 милиони евра, има цел да ги оживее малите населени места погодени од иселувањето и намалувањето на населението.
За програмата ќе можат да аплицираат и македонските граѓани, како и државјаните на други земји надвор од ЕУ, доколку имаат соодветен правен основ за престој и пријавување живеалиште во Италија. Македонскиот пасош сам по себе не е доволен услов.
Предност ќе имаат семејствата со деца, младите парови, самохраните родители и лицата што работат од далечина. Кандидатите ќе можат да изберат најмногу три недвижности, со површина до 140 квадратни метри.
Куќите нема да бидат подарени, туку отстапени на користење. Ќе бидат реновирани, но мебелот не е вклучен. Десетгодишниот период на бесплатно живеење почнува по завршувањето на реконструкцијата и предавањето на клучевите. Станарите ќе мора да живеат во нив, а трошоците за храна, комуналии и за превоз остануваат нивна обврска.
Пријавувањето се врши електронски, преку официјалниот портал на програмата и трае до 18 декември 2026 година, до 17:00 часот. За аплицирање е потребен дигитален идентитет преку системите SPID, CIE или поддржан европски идентитет eIDAS.












