Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) почна со дистрибуција на 400.000 дози вакцини против сипаници кај овците и кај козите до ветеринарните друштва. Вакцините се од турско производство и се обезбедени како донација од Европската Унија, а аплицирањето на терен се очекува да почне од среда.
Од АХВ информираат дека се добиени и резултатите од лабораториските испитувања спроведени на Факултетот за ветеринарна медицина, со кои се потврдени квалитетот, микробиолошката исправност и јачината на вакцините.
Со вакцинацијата ќе бидат опфатени 3.417 стада со вкупно 438.042 животни во осумте региони. Во првата фаза ќе се вакцинираат 193.527 животни во Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и во Североисточниот Регион. Втората фаза ќе ги опфати Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот Регион, со 244.515 животни.
Предвидена е и трета фаза за дополнителна вакцинација на јагнињата и јарињата што ќе ја достигнат потребната возраст, животни кај кои вакцинацијата била одложена од здравствени причини, како и фарми што не биле достапни или кај кои постоело сомнение за инфекција.
Од почетокот на годинава, АХВ евидентирала 115 жаришта на болеста. Во тој период пцовисале 875 животни, а 9.359 биле нештетно отстранети.












