Пролетната зелка се откупува по рекордна цена, за килограм се плаќа повеќе од едно евро

40

На почетокот од бербата, пролетната зелка во Струмичко се откупува за рекордни 60-65 денари за килограм. Толку висока откупна цена на почетокот од откупот не паметат ниту трговците ниту производителите. Според нив, тоа се должи на зголемената побарувачка, но и на немањето доволни количини пролетна зелка во соседните земји.

Според трговецот Блажо Витанов од компанијата „Империјал фруит“, ваквите високи откупни цени се должат на зголемената побарувачка, но и на малата понуда на оваа градинарска култура на почетокот. Поголеми количини се очекуваат на крајот од месецот.

– Пролетната зелка се извезува во Украина, Романија, Бугарија, во сите поранешни југословенски држави, во Полска, Литванија, Латвија, Естонија и во Шведска. На високата цена на зелката влијае и фактот што е прикрај нејзината берба во Албанија, па затоа сега е зголемена побарувачката за нашата пролетна зелка – вели Витанов.

Според градинарите, годинава зелката е насадена на поголеми површини, но на многу насади е забележано нејзино цветање место да врзува плод. Според нив, тоа се должи на променливото време и на студовите што го зафатија регионот на средината од минатиот месец.

Инаку, покрај пролетната зелка, по високи откупни цени се откупуваат и младите пиперки, за кои се плаќа од 200 до 230 денари за килограм. Лутите пиперки се откупуваат за 10 денари за парче, а краставиците од домашните производители – од 100 до 110 денари за килограм.

 

ИЗДВОЕНИ