Документарецот „Патување пеш“ (The Walk) во режија на Тамара Котевска од денеска во 18 часот ќе биде на репертоарот на киното „Синеплекс“ во Скопје. Филмот ја имаше својата премиера на последното издание на „Македокс“ во август минатата година.
Документарниот филм го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, во обид да си најде дом. Филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза, разоткривајќи ја одисејата на Амал, преку два континента, симболот на бегалците низ цел свет. Филмот се снимаше 2 години, на територија на повеќе од 10 земји.
Својата европска премиера филмот ја доживеа во конкуренција на најголемиот фестивал за човекови права „FIFDH“ во срцето на Женева, а светската премиера беше во Њујорк. Ова е втор долгометражен документарен филм на режисерката Тамара Котевска и следи по големиот успех на „Медена земја“ за кој доби три награди на филмскиот фестивал „Санденс“ во САД во 2019 година, а следната 2020 имаше две номинации за Оскар.
Во филмот учествуваат и актерите Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија, кои ја делат истата судбина како огромен број бегалци кои изгубиле сè, вклучувајќи ги своите домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште.
Документарецот неодамна освои Гран При на фестивалот Олимпија (Грција) и беше во официјална конкуренција на Фипадок (Франција) – еден од најпрестижните фестивали за документаристика во светот.
Главен продуцент на „Патување пеш“ е британската филмска компанија „Греин медија“, македонски копродуцент е „ОХО продукција“, а доби поддршка и од македонската Агенција за филм.