Исклучително жешкото лето значително ја забрза бербата на грозјето; во повеќето француски лозја бербата започна уште во август, откако невообичаено високите температури го забрзаа созревањето на грозјето, пренесува бриселскиот медиум „Политико“.
„Сушата на почвата се интензивираше низ целата земја“, соопшти „Агрест“ (Agreste), статистичката служба на француското Министерство за земјоделство, додавајќи дека топлотните бранови предизвикале „оштетувања од сонце, оштетување и сушење на лисјата, како и збрчкување на грозјето“ во некои лозја.
Во Шампања, бербата започна порано од кога било досега, бидејќи производителите брзаа да го соберат грозјето пред зголеменото ниво на шеќер да доведе до превисоко потенцијално ниво на алкохол. Се очекува производството да биде преполовено, додека тежината на гроздовите паднала на најниско ниво во последните 20 години. Спротивно на тоа, се очекува производството во винскиот регион Лангедок-Русијон во јужна Франција да порасне за пет проценти во споредба со минатата година, кога слабата берба резултираше со производство за околу 13 проценти под петгодишниот просек. И покрај овогодишното закрепнување, се предвидува дека производството во регионот сепак ќе остане осум проценти под просекот.
Условите за одгледување грозје првично биле поволни, со добар развој на плодовите и мал ризик од болести; сепак, „жешките и суви услови во текот на летото го нарушија тој потенцијал“, извести „Агрест“.
Доколку се потврдат проценките, производството на вино во Франција оваа година ќе падне под 3,4 милијарди литри, што претставува најмала берба од 1957 година и најниско ниво во последните речиси седум децении. Француската министерка за животна средина, Моник Барба, ја процени економската штета предизвикана во текот на летото на меѓу 10 и 15 милијарди евра, односно до 0,5 отсто од бруто-домашниот производ.
Во петокот, француската влада најави итна помош за земјоделскиот сектор во вредност од над една милијарда евра, но земјоделските организации сметаат дека тој пакет е недоволен, пренесува „Танјуг“.










