Вкупно 1.535 жалби стигнале пред Државната комисија за жалби по јавни набавки, а 637 завршиле со одлука во корист на жалителите. Од една страна, има фирми што велат дека им била направена неправда, но, од друга, Комисијата предупредува дека некои ја користат жалбата како начин за заработка. Оттаму посочуваат дека се жалат „професионални жалители“ и без да имаат вистинска намера да учествуваат на тендерот, само за да наплатат адвокатски трошоци. А додека едни се жалат, тендерите стојат – и повторно се трошат време и јавни пари

Кога ќе распише една институција тендер за набавка на компјутери, автомобили, медицинска опрема, градежни работи или каква било друга стока и услуга, на крајот некој треба да ги потроши парите на граѓаните. А кога ќе смета некоја фирма дека не бил спроведен тендерот како што треба, има право да се жали.
Токму тука настапува Државната комисија за жалби по јавни набавки, институцијата што треба да провери дали имало во тендерот грешка, неправилност или повреда на правилата. А бројките за 2025 година покажуваат дека комисијата лани имала работа преку глава. Речиси секој ден стигнувале по четири жалби за јавни набавки пред Државната комисија за жалби по јавни набавки. Од 1.535 предмети, 637 жалби биле усвоени. Тоа значи дека во значаен број случаи Комисијата утврдила дека има основ некој да се жали на начинот на кој била спроведена набавката.
Во својот годишен извештај, Комисијата нотира дека зголемениот број жалби не е случаен и не е само прашање на тоа што повеќе фирми се незадоволни од изгубените тендери. Оттаму посочуваат на појавата на таканаречените професионални жалители. Според Комисијата, станува збор за субјекти што поднесуваат жалби на тендерската документација, но без реална намера да учествуваат во конкретната јавна набавка.
– Наместо борба за самиот тендер, нивниот интерес, според Комисијата, е да иницираат жалбена постапка, а потоа, доколку им биде уважена жалбата, да побараат надоместок за трошоците за адвокатско застапување – велат од Комисијата и токму во ова гледаат една од причините за наглиот скок на жалбите.
Оттаму оценуваат дека ваквата практика не само што го зголемува бројот на предмети туку може да го забави и спроведувањето на самите јавни набавки.
– Практично, се отвора можност жалбата наместо да биде средство со кое ќе се избори фирмата за своето право, да стане и своевиден бизнис – велат од ДКЖЈН.
Бројката од 1.535 жалби не значи дека се жалеле сите фирми без причина. Напротив, податоците на Комисијата покажуваат дека во стотици случаи имало основ за интервенција. Од 1.405 решени предмети, 637 жалби биле усвоени, 475 биле одбиени, а 151 биле отфрлени.
– Кога е усвоена жалбата, најчесто се поништува одлуката на договорниот орган, а во одредени случаи и целата постапка – велат од Комисијата и предупредуваат дека не може целосно да се објасни растот на бројот на жалби само со зголеменото незадоволство на фирмите. Фактот што биле усвоени 637 жалби покажува дека имало и реални случаи во кои фирмите имале причина да бараат заштита.
Тоа значи дека зад бројката од 1.535 жалби има различни приказни – некој навистина сметал дека е оштетен, некој, можеби, не ја поднел жалбата како што треба, а за дел од случаите Комисијата предупредува дека станува збор за жалители што ја користат правната заштита со поинаков интерес. Тоа се гледа и од бројот на отфрлени жалби. Од нив, 68,2 % биле неуредни, додека 22,5 % биле ненавремени.
Комисијата укажува и на уште еден фактор: цената за поднесување жалба. За жалба се плаќа од 50 до 200 евра, зависно од проценетата вредност на јавната набавка. И тука ДКЖЈН има јасен став: надоместокот е низок и „треба да биде повисок“. Овој став го поврзуваат со потребата да се намали можноста да се поднесуваат жалбите без сериозен интерес.
– Но, повисоката цена за жалба може да значи и нешто друго: фирмата што навистина е оштетена да размисли двапати дали воопшто може да си дозволи правна заштита. Затоа прашањето не е само колку жалби има туку и зошто се поднесуваат – коментираат од Комисијата.
А бројките за растот на жалби се сериозни. Во 2022 година имало 837 предмети. Во 2023 и 2024 година бројот бил околу илјада, за во 2025 година да скокне на 1.535. Од ДКЖЈН сметаат дека начинот на кој одлучува влијае и врз довербата на фирмите и на институциите. Во извештајот се наведува дека зголемениот број жалби е поврзан и со „транспарентното и доследно почитување на законските одредби при одлучувањето, со што се зацврстува довербата кај економските оператори и договорните органи при одлучувањето“.
Во 2025 година биле евидентирани 119 управни спорови против одлуките на Комисијата. Според извештајот, најголем дел од тужбите пред Управниот суд биле одбиени како неосновани. Тоа, според Комисијата, покажува дека нејзините одлуки во значаен дел ја поминуваат и судската проверка.
(С. Бл.)












