вторник, август 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА  Помош и нега во домот, дневни центри за старите лица и за...

 Помош и нега во домот, дневни центри за старите лица и за лицата со попреченост

1

Девет општини во Македонија добиваат нови локални социјални услуги за старите и немоќни лица и за лицата со попреченост, откако на 17 август беа потпишани договорите за грантови во рамките на вториот проект за подобрување на социјалните услуги.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади соопштија дека со доделените грантови се поддржува развојот на достапни, квалитетни и одржливи социјални услуги во локалната заедница, приспособени на потребите на корисниците и насочени кон подобрување на нивниот квалитет на живот.

Станува збор за општините Гази Баба, Петровец, Сарај, Валандово, Пласница, Боговиње, Јегуновце, Прилеп и Кривогаштани.

Во Гази Баба, Петровец, Сарај и во Валандово ќе се воспостави услугата помош и нега во домот. Таа е наменета за лицата што поради возраста, здравствената состојба или намалената функционалност не може целосно самостојно да се грижат за себе. Негувателите можат да помагаат при личната хигиена, облекувањето, хранењето, подготовката на оброци, набавката на продукти и на лекови и при други секојдневни активности, зависно од проценетите потреби на корисникот.

Во Пласница, Боговиње и во Јегуновце се предвидени дневни центри за старите лица, додека во Прилеп и во Кривогаштани ќе се воспостават дневни центри за лицата со попреченост.

Домашната нега е особено значајна за семејствата во кои повозрасен член не може самостојно да ги извршува секојдневните обврски, а неговите блиски, поради работа или други обврски, не може постојано да бидат присутни. Целта е човекот, кога е возможно тоа, да продолжи да живее во сопствениот дом и средина, а потребната поддршка да стигне до неговата адреса.

Вакви услуги веќе функционираат во други општини. Досегашната практика покажува дека бројот на часови помош не е ист за секој корисник, туку се определува според индивидуалните потреби и процената на надлежните служби.

Според досегашниот модел на проектот, услугите се насочени кон лицата над 65 години што не може самостојно да се грижат за себе, лицата со попреченост и кон други граѓани со намален функционален капацитет.

Грантовите се наменети за воспоставување на услугите и за нивно функционирање во првите 12 месеци. Износот зависи од видот на услугата, планираниот капацитет и од потребните трошоци.

– Преку вториот проект за подобрување на социјалните услуги, Министерството за социјална политика, демографија и млади продолжува да ги поддржува локалните заедници во развојот на социјални услуги што одговараат на реалните потреби на граѓаните и придонесуваат за поинклузивен, подостапен и одржлив систем на социјална заштита –  наведуваат од Министерството.

 

ИЗДВОЕНИ