| ОТВОРЕНО ПИСМО СО ИНИЦИЈАТИВА ДО ВЛАДАТА |
Непосредно пред прославата на 35-годишнината од независноста на Република Македонија, ќе си дозволам да упатам повик до надлежните институции да се подигне споменик на непознатиот јунак во Македонија. Свесен сум дека кај нас има многу противници на спомениците, зашто тие, нели, не давале јадење, но, сепак, има и такви на кои им значат нешто и верата и историјата.
Австроунгарскиот дипломат Алфред Рапопорт, пред точно 100 години, во книгата „Во земјата на мачениците“ (Париз, 1927) запишал дека дошол во Македонија по востанието и дека ги посетил и фотографирал урнатините во повеќе македонски села. „Во текот на овие посети, често мислев на младите луѓе што загинале во некој пуст крај или во прогонство во Африка, без никој да го знае нивното име или нивното херојство, ниту, пак, нивното постоење. Од големата војна наваму, сите нации воведоа култ кон незнајниот јунак и му подигнаа споменици. Но, каде живее споменот на незнајните јунаци и на селаните страдалници, кои ја пролеале својата крв за Македонија или кои го завршиле својот живот депортирани во Фезам?“ Објавувајќи ги овие сеќавања, авторот вели: „Се надевам дека ќе придонесам, иако во мала мера, за дополнување на оваа празнина и да потсетам, барем индиректно, на споменот на заборавените јунаци на оваа сурова кауза“.
Треба да се подигне споменик на непознатиот јунак зашто во борбите или во налетот на одмазда на непријателот биле убиени десетици и стотици жители, не само борци туку и повеќе од мирното население. Се знаат имињата на војводите или на некој поистакнат член на Организацијата, но на најголемиот број не се знаат. И тоа не само за загинатите во илинденските настани туку и во балканските и светските војни. Затоа еден ваков споменик би го обединил споменот за тие страдалници, едно положување цвеќе за некои празници или други поводи би било потсетување и на нив.
Колку и да сакаат да покажат некои сегашни историчари дека владеењето на Отоманската Империја во Македонија или на подоцнежните окупатори не било ропство, туку администрација, остануваат сведоштвата за садизмот на окупаторот над мирното население. По виничката афера од 1897 година, како што запишал еден странски патописец, „турската свирепост и ѕверство се ширеле од една околија во друга ширум Македонија. Глави биле стегани со влажни јажиња, учители и свештеници биле понижувани од страна на перверзни војници и жандарми, нокти биле вадени, јазици биле штипени со вжештени маши“. Бројот на мачените, затворените и на убиените изнесувал илјадници“.
Кој да ги изброи, кој да ги запише имињата на сите тие маченици загинати едни во директна борба, други изгорени во своите домови, трети по шумите или на патиштата по кои се движеле како живи скелети, гладни, боси, необлечени, со рани по телата, обесчестени и понижени? Англискиот новинар Џон Фостер Фрејзер, кој ја посетил Македонија по востанието, напишал: „Работите се толку испреплетени во Македонија“. Според него, „целата земја била една комплицирана маса на безредие“.
Странските дипломати и новинари и покрај тоа што доаѓале со одредено предубедување од своите држави и влади, но и од соседните држави што имале свои интереси во Македонија, сепак успевале реално да ја согледаат состојбата и да сочувствуваат со несреќното население. Оттука овој Фрејзер вели дека „револуционерното движење какво што е денес во Македонија е резултат на терор и убиства“. Англискиот публицист Хенри Ноел Брејлсфорд, пак, вели: „Што значеше тоа во поглед на физичката болка, материјалната штета и обесчестувањето на жените, фантазијата одвај може да замисли“. За познатите настани во Солун вели: „Ако не ги слушаме ниту убедувањата, ниту поплакувањата, овие млади Македонци решиле да го слушниме нивниот динамит. Нашата рамнодушност е исто толку виновна колку и нивното насилништво“.
Не биле само Крушево и Мечкин Камен. Македонија имала многу голготи и пред и по востанието. Загоричани, Смрдеж, Баница, Цер, Ракитница, Ножот, Рашанец, Ташмаруништа… колку тома треба да се испишат за само да се набројат!? Заеднички именител за сите тие настани е страдањето на населението. Во дединската афера, 116 селани од Дедино, Радовишко и од околните села биле осудени, некои на 101 година затвор. На Рашанец загинале 41 востаник со војводата Аргир Маринче, а брутално биле убиени околу 160 души од населението што побарало спас во збегот. Во Ташмаруништа, четирите чети востаници оставиле 27 жртви. Населението ги погребало, 19 од соседните села во заедничка гробница, а оние од селото – во семејните гробови.
По Рбинската афера пролетта 1903 година, 215 селани од Дебрца, осудени на 101 година затвор, биле потерани кон Диар Беќир. По пат умреле повеќе од половина. Еден пролетен ден 1906 година, една долга колона затвореници, меѓу кои биле и солунските гемиџии Павел Шатев, Милан Арсов, Марко Бошнаков и др., ја напуштила управната зграда во Солун и пеејќи револуционерни песни, се упатила кон солунското пристаниште. Патот водел кон Триполи и Фезан, каде што ги носеле на издржување доживотна казна. Во своите спомени Шатев забележал: „Еден човек колку повеќе страда и колку повеќе се оддалечува од својата родна земја, тој уште повеќе се приврзува кон неа и уште повеќе ја сака“. По многу страдања, во јули 1908 година, таму ги затекла амнестијата. Но, тие не сакале да се вратат без своите другари М. Арсов и М. Бошнаков, кои починале таму. Моштите не можеле да ги понесат зашто уште не биле распаднати телата, поради што тајно им ги отсекле главите, ги ставиле во лимени кутии, ги потопиле со јодоформ, ги затвориле херметички и ги донесле во татковината.
Поголем број дипломати, новинари, патоисци и други намерници колку-толку успеале да ја видат и да ја опишат како ужасна состојбата во Македонија пред и по востанието. Луиџи Вилари, Италијанец и воен дописник на лондонско списание, вели дека „главна грижа на власта беше да ги спречат странците да ја дознаат вистинската состојба и на ниту еден Европеец не му беше дозволено да излегува од градот… дозволата што ми беше дадена вечерта, сабајлето ми беше одземена. Но и покрај тоа, порано или подоцна сè излезе на видело“. Тоа го сведочи и Џон Бут, англиски новинар кого Хилми-паша го убедувал дека нема потреба да оди во внатрешноста на Македонија, зашто таму Турците ги обновиле куќите уништени во востанието, дека немало ни еден востаник и дека насекаде владеел длабок мир. Тој, сепак, влегол во внатрешноста на земјата и забележал: „За време на тие возбудливи денови, ми се отвори срцето на Македонија, ги докажавме турските лаги за повторно изградените домови на луѓето, го видовме нивниот неподнослив живот“.
Федерик Мур, англиски новинар, сведочи дека во Крушево бил извршен голем грабеж, биле убиени 88 души кои не биле борци. Некои од младите жени биле силувани, а некои биле одведени од војниците. Во Арменско, пак, имало убиено 74 комити. Војниците го истуриле својот бес врз жителите што не учествувале во востанието. „Ги ограбиле и ги изгореле сите куќи, убиле 130 луѓе, главно жени деца и старци, силувале многу жени, дури и трупови“.
Англискиот новинар Фостер Фрејзер сведочи за некој познат случај кога еден војник продал две деца на пазарот за четири шилинзи. Ги купил некој христијанин што знаел дека децата се на некој свој познајник што бил масакриран. „Дописниците кренаа врева. Христијанските конзули беа огорчени, новинарите предизвикаа солзи кај христијаните со своите трогателни приказни. Во секој случај, властите дадоа упатства христијанските деца да не се носат во Монастир, туку да се продаваат во селата, каде што нема љубопитни конзули и новинари“.
Гастон Рутие имал доблест објективно да соопшти што сакаат Македонците. „Она што Македонците го сакаат, тоа е автономија на нивната земја, со интервенција на Европа во нивна корист. Нема делба, нема припојување кон некоја друга држава, Македонија е единствена и на Македонците, јасно и едноставно“.
Х. Н. Брејлсфорд на едно место вели дека со завршувањето на востанието, не дошол и крајот на бедата. „Стотици мажи беа в затвор или прогонети во некој далечен ерменски град… Две млади девојчиња, на пример, кои поминале неколку дена и ноќи осрамотувани во турски логор, побудалеле кога дознале дека се принудени да станат мајки“. Овој англиски публицист вели дека животот немал вредност, ниту цена во Македонија. „Би било интересно да се праша, вели тој, каква премија би дала една англиска осигурителна компанија за животот на просечен македонски селанец“.
За страдањата во селото Смилево сведочи Џејмс Макгрегор, британски конзул во Монастир (Битола), кој вели дека 21 возрасен маж и 60 или 70 жени и деца биле исечени на парчиња, а 40 млади жени биле однесени во муслиманските села, каде што ги држеле една недела. И Реџиналд Вијон, англиски новинар, сведочи за страдањата во Смилево. „Каков е тој спорт да се тераат војниците да убиваат полека и неказнето. Со деца во пламен убаво е да се слушаат врисоците на мајките и да се покосат додека заслепени трчаат кон убијците со своите заби и нокти како единствено оружје. …мажите повеќе сакаат нивните жени и ќерки да умрат од милосрдна изгладнетост отколку да паднат во рацете на најбруталната војска во светот“. Вијон уште вели: „Дали некогаш сте ги замислиле вашите слатки сопруги и нежни ќерки во рацете на – не! тоа не треба ни да се споменува, нели? Сепак, јас ги видов тие кутри груби, полуцивилизирани мажи како липаат како деца кога се сеќаваат на она што се случило“.
Кај странските набљудувачи на состојбите во Македонија силен впечаток оставал чинот на саможртва. Американскиот новинар Алберт Сониксен, кој минал едно време со македонските комити, во книгата „Исповед на еден македонски четник“ ги опишал впечатоците од оваа своја авантура. Откако истакнува дека овие момчиња „умираат не помалку драматично од првите маченици на христијанството“, тој сведочи и за саможртвата како чин на одбрана на достоинството. „Треба да се одбележи како рекорд дека ни една чета не му се предала на непријателот, макар што таков предлог секогаш им се прави. Јас можам да соопштам цела листа на неповредени четници од една опсадена чета, коишто откога ќе видат дека друго средство не им останува, освен да се предадат, сами си ставаат крај на својот живот со последниот куршум. Какво решение ќе земев ако мене ми се паднеше таков избор, не знам, но извикот ‘аскер’ предизвикуваше еден особено злокобен звук во моите уши“.
Во песни се опеани саможртвените подвизи на Методија Патче и неговата дружина во Кадино Село, на Христо Узунов и неговата чета во Цер, епопејата на Ножот и многу други. На Ножот, на 13 јули 1907 година, околу 300 востаници се бореле со силната турска војска. Кога ги известиле дека ги сардисува војската, одговориле дека не излегле да бегаат, туку да се борат. Покрај оние што загинале во борбата, 45-мина, за да не бидат заробени, се самоубиле. Италијанскиот жандармериски офицер Еторе Лоди ,кој ги посетил загинатите во Цер, следниот ден по настанот забележал: „Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедена!“
Уште незалекувани раните од Илинденското востание, македонскиот народ го снашле нови несреќи, балканските и Првата светска војна. Македонскиот народ ниту ги очекувал ниту се подготвувал за нив, тие му донесле само несреќи. Затоа и не ги опеал во песните. Оние што не биле мобилизирани од турската војска, биле земени во бугарската, оние што се спасиле – и од неа биле собрани во српската или грчката војска. Притоа, Македонците секогаш биле ставани во првите борбени редови. Војувале меѓу себе за туѓи интереси. „За туѓи бели дворови, копај си црни гробови“ (Кочо Рацин).
Како оној Петко Лисковски од пелагониското село Добрушево што од 1910 до 1912 бил турски војник, потоа од 1914 до 1915 српски војник, а од 1916 до 1918 година бугарски војник. Има ли друг ваков случај во светот?
Некој Александар Наумов Босилковски од селото Јанковец, Ресенско, Првата светска војна го затекла во Софија. Кога почнала бугарската власт мобилизација на сите Македонци, и тој во септември 1915 година се нашол на Солунскиот (Македонскиот) фронт, каде што останал до крајот на војната. Во ноември таа година, во борбата со француските војски, при нападот на селото Богданци, дале 84 жртви. „И ги погребавме сите заеднички во една дупка, наречена „братска могила“ итн.
Пишувајќи за теророт над Македонците, Стојан Христов во еден свој напис вели дека во меѓувоениот период Грците и Србите се покажале порафинирани мачители од Турците, а во споредба со нив, методите на инквизицијата би се чинеле чинови на милост.
С. Христов пишува и за инцидентот познат како „Гарванска голгота“ од 3 март, од летото Господово 1923 година, кој се случил во селото Гарван, десетина милји јужно од Штип. Великиот жупан на српскиот режим со седиште во Штип, Добрица Матковиќ, со својата војска собрал од полето 28 селани и бидејќи војниците одбиле да пукаат, тој самиот со митралезот ги покосил. Меѓу заробените имало деца од 12, од 13 години, имало и едно од 19 и едно од 20 години. Цели шест дена 28 трупа лежеле во полето, а војската не ги пуштала блиските да ги погребат. Дури седмиот ден селаните од соседните села ги погребале на истото место. Додека правев коректури на текстот, вели С. Христов, „стигна веста дека Матковиќ бил назначен за губернатор на сета југословенска Македонија“.
Милан Матов во своите спомени пишува за смртта на 29 четници и војводи стрелани од српската полиција, под селото Велгошти, дека во тоа време сè што било побудно и што било фатено, исто така било убиено. Изгорени куќи во струшките села, убиени во Дебарца речиси од секое село итн. Во Струга, поробувачите, по директна заповед од Белград, ја тепале болната мајка на Милан Матов. Таа им вратила со клетви, а тие ѝ ја запалиле и урнале куќата. Подоцна, на тоа место, направиле пат со калдрма, да нема трага од куќата.
А што да се каже за жестокоста на непријателот во текот на Народноослободителната војна? За убиените од Скопскиот партизански одред формиран на 22 август 1941 година, за оние десетици убиени жители на Тиквешијата, како одмазда за основањето на одредот Добри Даскалов, одмазда што завршила со стрелањето на 12-темина младинци од Ваташа, сите на возраст од 15 до 26 години? Во сведоштвата стои дека по борбата со партизанскиот одред Димитар Влахов на 14 септември 1942 година, на планината Мукос, бугарските окупаторски власти, војската и полицијата затвориле 62 селани од селото Дабница, на возраст од 16 до 60 години. По повеќедневно измачување, на 19 септември одделиле 19 од нив и ги стрелале баз никаква судска пресуда.
А што да се каже за масакрот во Долани, Штипско, убиството на истакнатите борци од ова село – Станое Данев (избран и за делегат на АСНОМ) и неговиот брат Методи, како и на нивните соборци Крсто Митев и Ристо Стојков, следниот ден по Илинден 1944 година? Што да се каже за учесниците на славниот Февруарски поход, за 48-темина загинати и 29-темина премрзнати на екстремно ниските температури, за загинатите во Кленоец, за оние на Сремски фронт, загинати на прагот на слободата? А кој ги избројал илјадниците загинати во текот на граѓанската војна во егејскиот дел на Македонија, жртвите од напалм бомбите, фрлени од авионите на културна Европа, која нашиот народ во песните ја колнеше како „блудница вавилонска, крвница македонска“, кој ги изброја децата раселени по светот, што да се каже за мајката Егејка на која, во паркот „Жена-борец“, ѝ го демолираа споменикот оние што ги гушкаа дрвјата и ГТЦ?
Ете така е кога се претвораат човечките животи во бројки, бројките во статистика. Но, тие луѓе имале душа, имале свои судбини, имале семејства, потомци. Затоа треба да се подигне еден заеднички споменик за сите тие страдалницим да се знае дека тие луѓе потекнувале од Македонија, дека се бореле за нејзината слобода, за достоинствен живот. Како онаа мајка од песната „Лулела е мајка свое прво чедо, /на нива родено, три дни недоено“, која лулајќи го, му го пеела заветот што таткото го порачал од бесилка: „Сина да ми чуваш, да ми го лулееш, /да ми го пораснеш, пушка да му купиш,/ јунак да ми биде, јуначки да умре, за Македонија“.
(Авторот е универзитетски професор и проучувач на македонскиот фолклор)












