понеделник, септември 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА 50.000 ИЗГУБЕНИ ЖИВОТИ ГОДИШНО НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ САМО СТАТИСТИКА: Фемицидот не...

50.000 ИЗГУБЕНИ ЖИВОТИ ГОДИШНО НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ САМО СТАТИСТИКА: Фемицидот не е изолиран чин – зад него стојат закани, насилство, демнење, предупредувачки знаци…!

Законодавството е неопходно, но уште побитно е спроведувањето. Според Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ иако не е сè совршено, Македонија е на добар пат и е претходник во регионот во борбата против ова зло

1

Иако не е сè совршено, Македонија е на добар пат во справувањето со фемицидот и со насилството врз жените и девојчињата, беше потенцирано на почетокот од дводневната регионална конференција за фемицид во земјите во Југоисточна Европа. Она што е особено важно е што е значително подобрено кривичното законодавство што се однесува на ваквото насилство, а останува уште подобрувањето на делувањето на соодветните институции со цел превентивно делување и развивање на свеста кај граѓаните. Она што особено загрижува е бројот на фемициди во светот, кои секоја година изнесуваат по неколку десетици илјади.

На тоа особено укажа потпретседателката на македонското Собрание Весна Бендевска, која на почетокот од конференцијата рече дека фемицидот, односно родово базираното убиство на жени и на девојчиња, претставува најекстремна манифестација на насилство врз жените.

– На глобално ниво, во 2024 година нотирани се 83.000 жртви жени и девојчиња, од кои 50.000 биле убиени од интимниот партнер или од друг член на семејството. Тоа значи дека секој ден во просек по 137 жени и девојчиња се убивани од некој во семејството или од најблиската околина. Статистиката е поразителна и затоа фемицидот не смее да биде перципиран како изолиран, спорадичен кривичен настан. Во најголем број случаи, тоа е крајна точка на континуираното насилство на кое му претходеле семејно насилство, закани, демнење, контролирачко поведение или други предупредувачки знаци – рече Бендевска.

Таа потсети дека во последниве години, земјите од Југоисточна Европа постигнале значителен напредок во однос на зајакнувањето на кривичното законодавство.

– Македонија меѓу првите земји ја потпиша Истанбулската конвенција, ја ратификува во 2017 година, со што таа стана дел од домашното законодавство. Македонија го развива својот прв „Фемисајд воч“ механизам со поддршка на Мисијата на ОБСЕ, кој вклучува систематско следење и анализа на случаите на фемицид и обид за фемицид, следење на судскитe постапки и посебна јавна платформа. Донесен е и Закон за спречување на насилството врз жените, направени се и измени во Кривичниот законик. Поврзувањето на случаите овозможува да се препознаат предупредувачките знаци, да се утврди каде не бил соодветен институционалниот одговор и така научените лекции од поединечни случаи да се преточат во подобра превенција – нагласи собраниската потпретседателка Бендевска.

Според досега објавените податоци од страна на Националната мрежа против семејно насилство, во периодот 2014–2023 во Македонија биле регистрирани 40 обиди за убиство на жени, а 75 жени биле убиени.

Амбасадор Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ, рече дека унапредувањето на родовата еднаквост е вклучено во сите нивни активности.

– Таквиот пристап покажува резултати. Механизмот „Фемисајд воч“ е одраз на партнерството меѓу институциите бидејќи фемицидот може да се спречи. Тесно соработуваме да го развиеме механизмот „Фемисајд воч“, со анализа на случаите и со мониторинг на судските случаи. Работното тело ќе ги идентификува јазовите меѓу институциите и дава конкретни препораки за подобрување. До денес, анализирани се 92 случаи на родово базирано насилство, а 43 се класифицирани како фемицид или обид за фемицид. Следна цел е да се вгради ова работно тело  во една национална институција за да има мерки и одговори. Законодавството е неопходно, но уште побитно е спроведувањето. Иако не е сè совршено, Северна Македонија е на добар пат и е претходник во регионот во борбата против ова зло – потенцира Вал.

Вишата советничка за родови прашања во Секретаријатот на ОБСЕ, Лара Скарпита, укажа дека ниту една земја не е имуна на фемицидот и дека секој таков случај е неуспех на институциите да ги заштитат жените.

– Некои земји повеќе инвестираат во превентивата. Ако половина од населението не може да ги заштитиме во домовите и на улиците, тогаш тоа е сериозно безбедносно прашање. Кога нема политичко внимание, жените плаќаат со својот живот. Властите направиле смел чекор за криминализација на фемицидот и за воспоставување на „Фемисајд воч“. Но, не е доволно тоа, законите не се доволни, потребни се и средства, потребно е да има судии што ќе може да препознаваат знаци на родово базираното насилство и мерки против кревање на свеста против насилството. Фемицидот не е неизбежен, може да се спречи, но потребна ни е политичка волја да се делува цврсто на терен, рече Скарпита. Додаде дека, со искуство, можеме да ги препознаеме јазовите и да ги направиме домовите и улиците побезбедни за жените и за девојчињата. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ