понеделник, септември 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Обвинителството го соочи Бојковски со претходниот исказ за четирите убиства, тој призна...

Обвинителството го соочи Бојковски со претходниот исказ за четирите убиства, тој призна три – завршните зборови на 6 октомври

1

Во Основниот суд во Куманово денеска продолжи судењето против Трајче Бојковски од Општина Старо Нагоричане, обвинет за четири убиства на жени и две убиства во обид на подрачјето на Старо Нагоричане.

На денешното рочиште, по предлог на јавниот обвинител Љубомир Лапе, беше испитан вештакот проф. д-р Стојан Бајрактаров, специјалист психијатар и форензички психијатар. Прашањата се однесуваа на здравствената состојба на обвинетиот, неговата способност да ја следи судската постапка, пресметливоста и ризикот од повторување на кривичните дела.

Како пример, Бајрактаров посочи ситуација во која Бојковски опишал настан, присуство на бел автомобил и фактот дека жената имала син кој возел таков автомобил. Според вештакот, тоа покажува дека обвинетиот може да воочи опасност, да планира начин на спасување и да воспостави комуникација при опишување на настани.

Психијатарот оцени и дека при извршувањето на делата за кои Бојковски е обвинет не се утврдени елементи поврзани со неговата здравствена состојба кои би влијаеле врз неговата пресметливост. Според вештачењето, обвинетиот бил пресметлив.

Вештакот се осврна и на наодите за психопатски карактеристики, нарушување на сексуалниот нагон со сексуална патологија и некрофилија, како и на стереотипен образец на сериско насилно однесување. Во однос на ризикот од повторување на делата, тој посочи дека казнено-поправните институции располагаат со инструменти за психосоцијална едукација, која е дел од извршувањето на санкцијата.

Бојковски на судењето призна дел од делата, а дел ги негираше

Во продолжение на рочиштето, обвинетиот беше испитан во однос на обвиненијата за четири убиства и две убиства во обид. На прашање на судијата Мирсад Сурои, Бојковски со климање на главата потврдил дека може да одговара на обвиненијата, но во текот на сослушувањето инсистирал дека убил три жени.

Во однос на првата точка од обвинението, која се однесува на убиството на Станче Каревска во село Клечовце во јануари 2025 година, Бојковски најпрво одговорил потврдно, а потоа го негирал делото. Тој тврдел дека не ја лишил од живот Каревска, дека воопшто не бил во Клечовце и дека не знае ништо за настанот.

За Јанка Антевска од Драгоманце, на прашањето дали бил кај неа во периодот од 5 до 7 јуни 2025 година, Бојковски одговорил потврдно и рекол дека се кае.

Тој потврдил и дека на 22 јули 2025 година бил кај Слободка Арсовска во Челопек, но навел дека отишол поради пари. Според неговото објаснување, откако слушнал дека кучето лае, се исплашил и избегал без да земе пари.

Во однос на Марија Маринковска од Старо Нагоричане, за која обвинението го товари дека ја убил во периодот меѓу 17 и 18 јануари 2026 година, Бојковски одговорил потврдно и рекол дека се кае.

За Мира Станковска од Челопек, обвинетиот најпрво негирал дека ја убил, но по дополнителни прашања, меѓу кои и за биолошките траги пронајдени под ноктите, за кои било посочено дека се идентични со неговите, одговорил потврдно и рекол дека се кае.

Бојковски потврдил и дека на 9 февруари 2026 година бил кај Росанда Трајковска во Челопек. Кажал дека отишол поради пари, дека ги зел парите и дека се обидел да ја задави, при што со рацете го покажал движењето околу вратот. И за овој настан рекол дека се кае.

Обвинителството го соочи со претходниот исказ

Во текот на сослушувањето, обвинителот Љубомир Лапе го соочил Бојковски со неговиот исказ даден на 8 мај 2026 година во обвинителството, во присуство на неговиот тогашен адвокат Драган Трајковиќ. Бојковски го препознал својот потпис на записникот.

Според обвинителот, во тој исказ Бојковски детално зборувал за жените опфатени со обвинението и признал дека четири жени ги убил поради сексуални мотиви. На денешното рочиште, пак, на прашањето колку жени убил поради секс, тој одговорил – три.

Лапе го прашал конкретно и за Станче Каревска, потсетувајќи дека во претходниот исказ Бојковски признал дека ја убил. Според обвинителот, во тогашниот исказ тој дал и детали за настанот, додека денеска го негирал убиството.

Обвинителот го соочил обвинетиот и со претходниот исказ во однос на Јанка Антевска. Според Лапе, Бојковски тогаш кажал дека ја познавал, знаел каде живее и двапати бил кај неа, додека денеска негирал дека ја познавал или дека бил во нејзиниот дом.

Во завршниот дел од испитувањето, обвинителот повторно укажал на разликите меѓу исказите што Бојковски ги дал во обвинителството и неговите денешни одговори.

Обвинителот го прашал Бојковски и за Моника Стефковска, која не е опфатена со актуелното обвинение. Тој негирал дека ја познавал, дека ја нападнал или дека бил во нејзината куќа во село Орах. Лапе појаснил дека овој настан не е дел од обвинението и дека во претходниот исказ биле наведени само фактите и околностите поврзани со делата за кои Бојковски се товари.

По рочиштето, обвинителот Љубомир Лапе изјави дека Бојковски на неговите вкрстени прашања дал потврдни одговори, но оти анализата на неговата одбрана ќе ја даде во завршните зборови.

-Кај јавниот обвинител ги призна кривичните дела. Има и други материјални докази со кои се поткрепува обвинението – изјави Лапе.

Тој нагласи дека начинот на кој обвинетиот се брани е негово право. Во однос на мотивот, за кој Бојковски на судењето навел дека биле парите, Лапе рече дека смета оти со таквиот начин на одбрана обвинетиот се обидува да си ја олесни положбата.

По сослушувањето на обвинетиот, судот констатираше дека Бојковски дал поинаков исказ за факти и околности од значење за предметот.

Доказната постапка е заклучена, а завршните зборови ќе бидат дадени на следното рочиште, закажано за 6 октомври 2026 година.

ИЗДВОЕНИ