Пеењето на народните македонски песни и играњето ора од страна на македонското население во регионот на Лерин, Грција, ги вознемири достоинствениците на Грчката православна црква кои во тоа препознаа иредентизам и побараа интервенција на грчката држава. Леринскиот митрополит на ГПЦ, Иринеј, ја проблематизира прославата на Илинден во леринското село Овчарани, населено со етнички Македонци, одржана на 19 јули, на која учествуваа голем број граѓани и на која се пееше на македонски јазик. Се работи за традиционална прослава на најголемиот македонски празник кој во Грција се празнува по новиот грегоријански календар и која секоја година привлекува бројни посетители. Како и во претходните години, така и на неодамнешното празнување настапија музички групи кои изведуваа македонски песни на чии звуци посетителите играа ора и пееја. Вечерта на денот на прославата, во централниот дел од селото, една од најизведуваните песни беше „Бисер балкански“, посветена на Македонија. Освен неа, се изведуваа и други македонски песни посветени на љубовта кон Македонија, нејзините природни убавини, обичаи и слично.
Но, леринскиот владика Иринеј, во интервјуто за грчкиот весник „Православна вистина“, упати строги пораки, обвинувајќи ги организаторите и учесниците за ширење иредентизам и внесување поделби. Во воведот на интервјуто беше наведено дека „песните на словенски јазик со иредентистичка содржина, изведени неодамна на селски фестивал во Флорина, предизвикаа силни реакции во локалната заедница“. Во интервјуто, владиката најпрвин одговори на прашањето врзано со тоа и дали смета дека се работи за изолирани инциденти или обид за поттикнување на иредентистички ставови во регионот.

– Она што нè загрижува е тоа што, за жал, во одредени случаи се прави обид тие да се искористат за пренесување иредентистички пораки кои немаат никаква врска со автентичниот културен израз на тој крај. Кога некоја песна, парола или настан се користат за пренесување пораки што ја искривуваат историската вистина или поттикнуваат поделби, тогаш се надминуваат границите на традицијата – одговори грчкиот владика.
Тој одбегнува да ги именува граѓаните како Македонци кои пееле на македонски јазик и користи термини како „локална заедница и локален дијалект“.
– Целосно ја почитуваме локалната дијалектна говорна форма. Но, не можеме да прифатиме таа да се користи како средство за пренесување пораки што ја делат локалната заедница и ја искривуваат историската вистина – наведе митрополит Иринеј.
Тој додаде дека дал инструкции до своите свештеници „да бидат блиски до народот и да ги почитуваат традициите и локалниот дијалект на регионот, но да не дозволат нивното присуство или учество да се толкува како прифаќање или легитимирање на антиисториски пораки што предизвикуваат поделби“.
Македонското население во ова и во другите околни села вакви прослави организира секоја година, при што најчесто се пеат традиционални македонски песни и се играат традиционални македонски ора.
Грчкиот владика бара и интервенција на грчката држава. Тој објасни дека таму неодамна престојувал министерот за надворешни работи – кој покажал дека одлично ги познава проблемите и спецификите на овој регион.
– Ја сакаме државата покрај нас, а исто така очекуваме и неопходни насоки од надлежните служби на Министерството за надворешни работи кон локалните органи во нашиот регион. Вистина е дека се преземаат чекори, но потребни се уште поголема доследност, будност и присуство. Не е доволно да се интервенира откако веќе ќе настане проблем – предупреди овој грчки митрополит. (Б. Ѓ.)












