Со изведување материјални докази, во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судскиот процес против 13. полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а 223 беа повредени.
Пред судот беше изведен писмен извештај од Институтот за судска медицина за извршена обдукција на жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година. Ова е истиот извештај што веќе беше презентиран на главниот предмет за пожарот што се води во судницата во „Идризово“. Според извештајот, смртта на сите 59 жртви е насилна и, во најголем дел, настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид.
Кај некои од жртвите, обдукциското мислење, исто така, констатира насилна смрт, но која настапила од задушување од притисок врз градниот кош или како резултат на недостиг на воздух и кислород во околната средина. Четири лица се починати во болница. Обвинителството презентира и медицинска документација и податоци за повредените што се јавиле за укажување медицинска помош по пожарот – вештачења за 157 лица со тешки телесни повреди, како и оштетени кои добиле телесни повреди.
На почетокот на минатото рочиште сите 13 обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и дека сториле сѐ што можеле.












