Општина Валандово викендов ја реализира последната фаза од реконструкцијата на регионалниот пат Р1105, на делницата Удово – Јосифово. Како што информираат општинските власти, градежната механизација интензивно работи на еден од најоштетените делови од оваа значајна сообраќајница.
– Со завршувањето на работите, оваа делница добива значително подобри услови за одвивање на сообраќајот, со што се зголемува безбедноста за возачите, пешаците и на сите други учесници во сообраќајот. Со реализацијата на овие инфраструктурни зафати, постепено се создава побезбедна, поквалитетна и помодерна патна мрежа, која е од особено значење за жителите на Валандово и околните населени места, но и за сите граѓани и патници што секојдневно го користат овој регионален правец – велат од Општина Валандово.
Реконструкцијата на делницата Удово – Јосифово се работи во рамките на пошироките активности за подобрување на регионалната патна инфраструктура. Според надлежните, претходно е завршена реконструкцијата на делови од регионалниот пат Р1105, на потегот од Страиште до влезот во Валандово, како и делницата од детската градинка „Калинка“ до месноста Два Јавора.












