Пристигна првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, најголемата набавка на контејнери во историјата на Скопје. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека нивното распоредување низ градот започнува веднаш.
– Ги заменуваме скршените и дотраени контејнери, го зголемуваме нивниот број и обезбедуваме повеќе места за правилно одлагање на отпадот. Заедно со новите камиони, кои следната недела ќе бидат пуштени во работа, создаваме услови за побрзо и поефикасно собирање на сметот и почисти населби низ цело Скопје – истакна Ѓорѓиевски.
Тој повторно нагласи дека за истите контејнери, неговите претходници плаќале по 18.600 денари, а сега се набавени по двојно пониска цена.
Притоа, наведе дека дополнително се обезбедени и 60 контејнери за селекција на стакло.

– Стаклото треба да заврши на рециклирање, а со неговото одделно собирање го намалуваме мешаниот отпад и ја чуваме животната средина. Чекор по чекор, го менуваме ликот на Скопје. Новата опрема мора да се почувствува таму каде што е најважно – пред нашите домови, во нашите маала и на улиците по кои секојдневно се движиме – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој упати јасен апел до граѓаните да го чуваат, како што рече, она што е наше, заедничко.
Воедно, додаде дека на градежниот шут и на кабастиот отпад не им е местото ниту во контејнерите ниту покрај нив!
– Со таквото однесување се оштетува опремата, се отежнува собирањето на сметот и се создаваат диви депонии среде нашите населби. За ваквата неодговорност нема да има толеранција – дециден е Ѓорѓиевски.
(А. П.)












