Територијалната противпожарна единица – Прилеп е максимално подготвена и екипирана за навремена реакција и дејствување на терен, а јавните комунални претпријатија активно ги спроведуваат сите неопходни активности за одржување на јавната чистота, расчистување на критичните точки и превентивно дејствување во пресрет на летниот период.
Ова го истакна градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, по редовниот координативен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, со цел, како што рече, да се координираат сите активности во пресрет на летниот период и заради целосна подготвеност за превенција и справување со пожари на отворено, спречување на појава на нови диви депонии и заштита на животната средина.
На Координативниот состанок, на кој учествувале претседателката на Советот на Општина Прилеп, претставници од локалната самоуправа, Дирекцијата за заштита и спасување, ТППЕ Прилеп, Центарот за управување со кризи, јавните комунални претпријатија, ЈП „Македонски шуми“ – подружница Прилеп и АРМ, бил направен преглед на досега реализираните активности и биле утврдени конкретните обврски и чекори за наредниот период.
Проданоски истакна дека во согласност со препораките и насоките на Владата, Општина Прилеп веќе спровела инспекциски надзор над сите субјекти кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола, а се во нивна надлежност, со цел обезбедување доследно почитување на еколошките стандарди и спречување на загадување на животната средина.
Тој воедно упати и апел до сите граѓани да се однесуваат совесно и одговорно, бидејќи, како што наведе, само со заедничка грижа може да се спречи појава на пожари и создавање нови диви депонии.
– Една непромислена постапка може да предизвика сериозни последици, големи материјални штети и загрозување на природата, имотот и човечките животи. Затоа, потребна ни е одговорност од секој поединец, затоа што заштитата на нашата околина е заедничка обврска на сите нас – заклучи Проданоски.












