
Килијан Мбапе веќе со денови трпи жестоки напади од навивачите на Реал Мадрид. Многумина се оние што го критикуваат, тој е исвиркуван на натпреварите, па дури е поведена и петиција тој да го напушти клубот.
Сепак, нивната желба нема да биде исполнета затоа што претседателот, Флорентино Перес, стави вето на заминувањето на Французинот, и тоа со јасна порака: сите може да си заминат, освен Мбапе.
– Нема можност Мбапе да го напушти Реал Мадрид ова лето. Тој е најголемиот ризик во кариерата на Флорентино Перес и претседателот ќе ги продаде сите други во тимот, освен него. Бесмислено е да се зборува за заминување – велат извори блиски до „кралскиот клуб“.
Желбите на навивачите, кои се разочарани по две години во кои немаше трофеи, се залудни.
Оваа сезона тој играше за себе, 41 натпревар и 41 гол изгледаат одлично, но болен е фактот што Реал не освојува трофеи, па многу луѓе му замеруваат на Французинот што игра за себе.
Сепак, ако и следната сезона продолжи постот без трофеи, тогаш Мбапе нема да има никаква друга опција, освен да биде продаден. Платата од над 30 милиони евра е товар и самиот Перес дефинитивно би почнал да размислува поинаку.
Засега, клубот верува дека предвременото заминување на Мбапе би испратило погрешна порака и до соблекувалната и до фудбалскиот свет. Реал Мадрид сонуваше за неговото доаѓање со години, се вложија огромни напори за да се оствари трансферот, а Перес не сака целата приказна да заврши по само две сезони, без вистински континуитет на трофеи.
Според него, Мбапе сè уште не станал лице на новиот проект. Перес е убеден дека поголемиот дел од притисокот е резултат на големите очекувања. Мбапе пристигна во Реал како суперѕвезда што мора веднаш да донесе трофеи, но клубот нè потсетува дека и на некои претходни „галактикоси“ им требало време да се адаптираат.
За раководството, сегашната криза е минлива фаза, додека навивачите, навикнати на постојани успеси, немаат трпение и ја сметаат секоја сезона без голем трофеј за целосен неуспех. Во Мадрид, исто така, нагласуваат дека Мбапе не може сам да ја сноси одговорноста за сите неуспеси.
Тимот има потреба од реконструкција на неколку позиции, а Перес веќе подготвува одредени промени во соблекувалната и во тренерскиот персонал. Планот е да се приспособи тимот на Французинот, да се изгради систем околу него во кој неговите бројки ќе имаат и одраз на трофејот наместо да изгледа како играч што е статистички брилијантен, но недоволно ефикасен како тим.
Комерцијалниот аспект, исто така, игра важна улога во целата приказна. Мбапе, покрај спортскиот сегмент, е огромен маркетиншки проект. Донесувањето таков ѕвезден профил отвора нови пазари за клубот, носи спонзори, телевизиски права и продажба на дресови на ниво што малкумина во светот може да го достигнат.











