Заминувањето на легендарниот српски стратег, Жељко Обрадовиќ, од клупата на Партизан и понатаму предизвикува бројни реакции во кошаркарската јавност, а сега во јавноста излегоа и нови тврдења за причините поради кои решил да ѝ стави крај на својата авантура во Белград.

За случувањата зад кулисите зборуваше Горан Шашиќ, директор на асоцијацијата на тренери во Евролигата, кој гостуваше во емисијата „Јуроинсајдерс“, каде што изнесе сериозни обвинувања за односот на раководството на Партизан кон најтрофејниот европски тренер.

Според неговите зборови, еден од најголемите проблеми бил односот на претседателот на клубот кон Обрадовиќ, а особено го издвои случајот во кој наводно бил ангажиран кошаркар без претходно да биде информиран тренерот.

  • Начинот на кој се однесуваше претседателот кон него во Партизан беше неверојатен. Тој си зеде за право да ангажира играч без негово знаење. Никогаш претходно во кариерата му се немаше случено такво нешто – откри Шашиќ.

Тој нагласи дека тоа не бил единствен случај, туку дека се соочил Обрадовиќ со повеќе ситуации што биле неприфатливи за човек со авторитет и статус како неговите во европската кошарка.

  • Имаше многу такви ситуации. Тој помина низ многу работи што едноставно беа неприфатливи. Зошто го напушти Партизан? Поради постојаните измами, лаги и манипулации – порача Шашиќ.

Покрај проблемите во клубот, тој зборуваше и за огромната почит што ја ужива Обрадовиќ надвор од Србија. Како примери ги посочи Истанбул и Атина, каде што секое негово појавување на јавни места предизвикува вистинска еуфорија.

  • Кога беше во Истанбул, многу пати го посетував во неговиот дом. И верувајте ми, шетањето со него низ Истанбул беше вистинско лудило. Исто толку лудо беше и шетањето со него низ Атина. Во Белград, речиси никој не му приоѓаше – раскажа тој.

Највпечатлив беше разговорот што го откри на крајот, кога го прашал Обрадовиќ како е можно тренер со толку многу трофеи и огромен углед да не добива поголемо внимание од сопствениот народ.

  • Затоа што странците те почитуваат повеќе отколку што те почитуваат твоите сопствени луѓе – гласел одговорот на легендарниот тренер.

Оваа изјава дополнително ја разгоре дебатата за заминувањето на Обрадовиќ од Партизан и за односот што го имал со клупското раководство.

ИЗДВОЕНИ