Професорката Наде Проева нè поттикнуваше пошироко и подлабоко да размислуваме за местото на Македонија и Македонците во историја, истакна денеска македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова. Таа се обрати на церемонијата на која постхумно, со орден „8 Септември“, ја одликува Наде Проева, историчарка, професорка и авторка за нејзиниот особен придонес во афирмирањето на македонската историографија. Орденот го прими нејзината сестра, Павлина Проевска.
Сиљановска-Давкова потсети дека истражувањето и одгатнувањето на антиката и античка Македонија беа животна и научна преокупација и мисија на Проева.
– Античкиот свет е далечно минато. Неговите градови се урнати, неговите владетели преминаа во историските книги, а до него допираме само преку фрагменти: натписи врежани во камен, монети, археолошки ископувања и остатоци, ретки сведоштва што времето не успеало целосно да ги избрише. Но, токму од тие фрагменти, од тие навидум неми траги на минатото, професорката Наде Проева создаде и создаваше знаење, концепти, теории, одгатнуваше историја, отвораше нови научни хоризонти и поттикнуваше повторно, пошироко и подлабоко да размислуваме за местото на Македонија и Македонците во историјата. Таа не го романтизираше минатото, ниту го претвори во мит, туку го истражуваше и објаснуваше со научна строгост, интелектуална чесност и длабоко чувство на одговорност кон вистината – истакна претседателката во своето обраќање.
Сестрата на Проева, која го прими орденот „8 Септември“, рече дека со длабока почит и благодарност семејството на Проева се заблагодарува за ова признание и верува дека и таа ќе била среќна.
– Да беше денес Наде со нас, ќе речеше: „Не, ова признание не е само за мене, ова е за сите историчари и археолози и професионалци од мојата фела што работат на чување на нашето македонско наследство, на нашите македонски вистини, историски вистини – рече таа.
Професор д-р Наде Проева беше македонски историчар класицист и редовен професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ при Филозофскиот факултет, на Катедрата за историја во Скопје, од 1984 година до нејзиното редовно пензионирање во 2015 година. Во март 1984 година беше избрана за предавач на Филозофскиот факултет во Скопје, за предметот Историја на стариот век, а од 1993 за доцент по предметот Историја на античките Македонци.












